| |
09.04.2012| Скопје, Слободан Најдовски за „Утрински весник”
Петарда под Пелистер
Не мора да се биде опозиционер за да се види дека Битола назадува во секој поглед, економски, културен, спортски...
Вниманието на јавноста барем за малку се пренесе надвор од Скопје. Ама не за арно. Кочани и Битола беа местата со кои беше преокупирана јавноста. Силната детонација беше во источниот дел, но и петардата во Битола не е за потценување. Заедничко им е што, според некои пишувања и анализи, и во двата случаја покрај кршењето на законот се работи и за внатрепартиски пресметки. Наспроти премиерот кој ги исклучи партиските примеси на настаните, битолскиот градоначалник, не негирајќи ги кривичните постапки во Битола, сепак, ги поврза со претстојните внатрепартиски избори за прв човек на локалниот партиски разгранок. Зарем стигнавме дотаму само ако има партиска пресметка на различни кланови, само тогаш да се гони криминалот? Значи ли тоа дека во сите други случаи тој си опстојува. И да е така, добро е ако ова е почеток на расчистување на негативните појави во општеството. Не треба да се застане на самиот почеток и да не се ловат само малите риби, само оние што се осомничени за проневера на осум илјади евра и да се бара криминал само во внатрешноста на државата. Последните настани во Битола поврзани со кривичните пријави на високи локални функционери на власта предизвикаа внимание, анализи и шпекулации. Поднесените барања за кривични пријави против тројца пулени на битолскиот градоначалник отворија неколку прашања кај битолчани. Најчесто слушани се оние што ги посочуваат настаните како јасна порака до општинскиот татко дека не треба да се кандидира на следните локални избори. До пред неколку дена тој беше сигурен кандидат на владејачката коалиција по третпат да бара довербата. Во таа кандидатура ретко некој се сомневаше. Особено сомнежот го снема од пред два-три месеци кога премиерот го испофали градоначалникот, како никој досега. Познавачите на политичките прилики ги протолкувам зборовите на Груевски како јасна порака до партиското членство дека кандидатурата на актуелниот прв човек на Битола е неприкосновена. Политиката не би била тоа што е ако нема изненадувања, заткулисни игри и неизвесности. Во таа насока се движат анализите и коментарите на збиднувањата во градот под Пелистер. Отворањето на кривичните постапки против тројцата блиски соработници на градоначалникот, кои се директно поставени од него, навестува на можно сценарио во кое владејачката партија се премислува за негова кандидатура за претстојните локални избори и полека му „создава услови“ сам да се повлече. Делата за кои се товарат лицата против кои е поведена постапка ќе претставуваат голем товар на актуелниот градоначалник во евентуалната кампања на идните локални избори. Нема да пали многу фалбата која се подготвува дека кога е во прашање криминалот, власта е неселективна, па затоа повела постапки и против свои членови. Одговорноста на градоначалникот за кадровската политика, натоварена од сопствената партија, ќе биде неизбежна. Полека, како една од можните варијанти, владејачката партија во Битола ја отвора вратата за ново кадровско решение кое треба да остане нечепнато, невино и наивно до почетокот на кампањата. Тоа не мора целосно да е точно, но станува многу извесно. Во власта се свесни дека и покрај напумпаната реклама, полека, но континуирано, граѓаните на градот на конзулите ја согледуваат реалната состојба. Не мора да се биде опозиционер за да се види дека Битола назадува во секој поглед, економски, културен, спортски итн. Седум години наназад се наведуваат истите проекти од кои некои никако да започнат, а други никако да завршат. Капак на се' дојдоа поведените кривични постапки против врвни локални функционери за проневери, неплатени даноци и слично. Оваа состојба го затече раководството на партијата на локално ниво. По подолго време битолската организација на ВМРО-ДПМНЕ не знае и нема начин како да и' парира на опозицијата. Нивното одбранбено обраќање до јавноста е конфузно и збунувачко, што уште повеќе ја заплеткува партијата во фрлената мрежа. Обидот да ја префрлат топката на друга страна не и' успева. Обезглавувањето на партиската структура на власта во Битола создава можност за поставување челник или локален лидер кој како принуден управник именуван од скопската централа ќе раководи со партијата до локалните избори. Постапките на власта што одат во правец на санкционирање на евентуалните прекршители на законот, дури и да имаат обележје на внатрепартиски, треба да се поздрават. Но, треба да се охрабрат и поддржат институциите без политички притисок и во согласност со законот да се истера работата до крај. Ваквата состојба ги подобрува можностите за победа на опозицијата на следните локални избори во Битола. За тоа треба многу работа и многу коцки да се склопат. Битолската опозиција, пред се', треба да ја поддржи акцијата за откривање и санкционирање на неправилностите во работењето на локалните институции под управа на градоначалникот. Но, треба и да стимулира проверка во други субјекти на евентуално поголеми злоупотреби за кои се шпекулира низ градот. Треба да побараат ревизија на работата на сите државни и локални институции во Битола. Вистинските опозиционери во Битола мора да бидат внимателни за да не бидат вовлечени во внатрешната борба на владејачката партија. Претпазливо треба да ја избегнат стапицата која е поставена за опозицијата да стане инструмент во внатрепартиската битка за превласт во Битола. Опозицијата треба да ја одбегне улогата на чистач кој ќе го расчистува теренот на евентуалните идни градоначалнички кандидати на владејачката партија, кои сакаат да бидат на привремена работа во Битола. Битолските опозиционери треба да внимаваат со нечистата вода да не го исфрлат и бебето кое го капеле во неа. Тоа што загрижува е дека кампањата за следните избори може да се претвори во натпревар кој бил полош во раководењето на градот наместо да се расправа за концепцијата за развојот на Битола во наредниот период. Укажувањето на нереализираните проекти на сите манипулации и злоупотреби на актуелната локална власт е в ред. Сепак, граѓаните многу повеќе сакаат да слушнат и видат како Битола да излезе од ова сивило, како младите битолчани да не го напуштаат својот град и како градот да стане перспектива не само за битолчани, туку за поширокиот регион.
| |