31.05.2012| Битола, прес конференција
ЛДП најостро ќе се спротистави на задолжување на Нискоградба
Претседателот на огранокот на ЛДП и советник во општина Битола, Валентин Груевски, денес одржа прес конференција
Најавата и подготовките за земање на кредит од страна на Нискоградба од половина милион евра, претставува уште една од многуте штетни и неразбирливи одлики на оваа локална власт. ЛДП најостро ќе се спротистави на ваквото задолжување, затоа што сметаме дека тоа ќе го доведе ова претпријатие до работ на амбисот .
За осум години ДПМНЕ во Нискоградба, не купи ниту една единствена машина, а смени три директори, успеа да ги продаде акциите, ама не успеа претпријатието да го извлече од загуба, од главен извршител на зимската служба успеа да го претвори во разнесувач на парите кон приватните фирми.
И кога видоа дека не можат да испорачаат резултат, шест месеци пред избори, сакаат да се задолжат со половина милион евра, ама првата рата за враќање да биде после една година, односно парите да ги врати новата власт. Пораката која ја испраќа ДПМНЕ е следна, ќе купиме возила, ќе се пофалиме со нив, ќе ги викнеме камерите, ама некој друг нека ги враќа долговите. Одлична “домаќинска” логика.
Вкупната вредност на каматата ште ќе треба да се плати за овој кредит ќе биде околу 150 000,00 евра, пари што воопшто не се наивни.
ЛДП јавно поставува неколку прашања:
1. Зошто машините не се набавуваат една по една и со тоа да се избегне плаќањето на огромните камати, и која е економската оправданост од ваквата набавка ?
2. Како претпријатие кое е две години во загуба ќе враќа месечна рата од 10 000,00 евра ?
3. Дали некој свесно го турка претпријатието во безизлез и која е вистинската цел на ваквото задолжување ?
4. Кој ја изготвил инвестиционата програма и потпишал дека претпријатието ќе може да ти враќа парите и дали таа воопшто постои ?
Според ЛДП бранот на ВМРО – ДПМНЕ беше една обична и голема фарса. Нискоградба треба да биде зафатена многу потемелно почнувајќи од директорот, па се до целиот раководен тим, бидејќи тие се најодговорни за очајната состојба во претпријатието.
Ако се уверени во исправноста нека ја одложат целата постапка после локалните избори, но очигледно е дека нешто многу им се брза.
На крај, искрено се надеваме дека ќе се предомислат, ќе ја прекинат постапката, а доколку тоа не се случи, советниците од мнозинството нема да го изгласаат клучот со кој ќе биде затворена Нискоградба.
|