Кандидатот за пратеник од ЛДП во првата изборна единица, Ристо Пенов, заедно со останатите кандидати за пратеници од листата на “Сонце-коалиција за Европа” денес одржа неколку мини-митинзи и средби со граѓани во повеќе скопски населби меѓу кои и Влае, Карпош 4 и Драчево.
На митингот во Драчево, Ристо Пенов остро ја нападна економската политика на Груевски која резултирала единствено со зголемување на бројот на невработени во Македонија, рапидно зголемување на цените и растечка инфлација.
“Груевски на претходните избори бараше на следните избори да биде ценет според економските резултати кои ќе ги постигне. Во последните 2 години тој успеа само да го зголеми бројот на невработени за 35000 нови образовани лица кои неможат да најдат работа како и да ги зголеми цените на основните прехранбени продукти, лажејки го народот дека тоа било светски тренд. Ако ова е ефектот на неговата “Преродба”, колку невработени и колкава инфлација ќе добиеме со неговата “Проширена преродба”?- праша Пенов на вечерашниот митинг во Драчево.
“ Токму затоа граѓаните на први Јуни нема да ја повторат грешката од 2005 година кога “цело Скопје стана вмроовски град” и со тоа западна во мрак и се угуши во смет и ѓубре. Затоа граѓаните ќе гласаат за луѓе кои се спремни да носат одлуки, за одговорни луѓе кои знаат да работат покажувајки реални резултати, ќе гласаат за луѓе кои ќе работат за подобар живот на граѓаните на Европска Македонија.”- рече Пенов.
Пред граѓаните во Драчево зборуваше и носителката на листата во првата изборна едниница, Радмила Шеќеринска. “Кога ќе влезат членовите на Владата во мини-маркет и ќе сватат колку со нивната политика ги удриле граѓаните по џебот ќе видат дека паднале на најголемиот испит- економската преродба која толку ја ветуваа.”- рече Шеќеринска.
“ Со гласањето за “Сонце-коалицијата за Европа” не гласате само за економски подобар живот, туку гласате и за коалиција која знае како да гради пријателства, коалиција која запира насилства и носи мир и спокојства”-истакна носителката на листата во единицата на коалицијата “Сонце-Коалиција за Европа “, Радмила Шекеринска.
Пред жителите на Драчево се обратија и кандидатите за пратеници Ѓорѓи Оровчанец, Трајче Панов и Крсте Стрезовски.