И покрај континуираните најави дека оваа владејачка гарнитура се бори против „урбаната мафија“, таа, со своите постапки не само што и го отвора патот, туку и ја стимулира, сметаат либералните-демократи. Како инаку да се протолкува нејзиниот обид, на сосема нелегален начин, вон од сите процедури, да направи измена на Генералниот урбанистички План на Град Скопје, соопштија на денешната прес-конференција, членовите на Извршниот Одбор на ЛДП, Зоран Шапуриќ и Владимир Петрушевски. „Одлуката за пристапување кон измена на Генералниот урбанистички План на Град Скопје е незаконска и ЛДП ќе покрене постапка за оценување на уставноста и законитоста на овој акт пред Уставниот Суд. Незаконска е затоа што, ГУП се носи за период од 10 години и во меѓувреме тој може само да се дополнува, но, не смее да биде носен нов ГУП“, рече Петрушевски, кој укажа и на неделовничката процедура за свикување на седницата, по итна, но, исто така, нелегална постапка. „Од суштинска гледна точка, ваквото ненормално брзање да се постави оваа точка на дневниот ред е, најверојатно, во функција на итно спроведување на крајно проблематичните идеи за изградба на стокатници во строгиот центар на Градот, изградба на црква (а можеби и џамија) на градскиот плоштад, натамошно ширење на градот на падините на Водно и пополнување на секоја празнина што во моментов постои на просторот на Град Скопје и натамошно задушување на Градот“, велат во ЛДП. Либерал-демократите посочија и на останатите примери на катастрофално и хаотично однесување во урбанизмот, особено присутно во главниот град. Според Шапуриќ, „за овие две години, власта е во постојана битка со урбаната мафија, од која ниту еднаш не излезе како победник. Помпензно најавеното за уривање на т.н „кинески ѕид” не се случи, на плоштадот никнуваат објекти чија сопственост е нејасна, висината на градежните маркички особено во централното градско подрачје преку ноќ се зголемува, сериозно се атакува и на Парк шумата Водно, не беше донесен акт за легализација на дивоградбите и свесно се продуцира урбанистички хаос".