Носителот на листата за изборна единица 2 од коалицијата “Сонце“ Манасијевски и дел од кандидатите за пратеници остварија повеќе средби со граѓаните на Автокоманда, Керамидница, Јане Сандански и Црешево.
Во своето излагање пред жителите на општина Гази Баба, Манасијевски упати силни критики до Владата на Груевски во делот на нејзиното економско работење.
Пред само неколку недели, сите ние бевме сведоци на изјавата за еден дневен весник на министерот Славевски, кога запрашан што ќе превземе во врска со поскапувањата на цените на нафтата, тој одговори дека тоа прашање не е во надлежност на Владата...Да биде ситуацијата уште потрагична, тој на граѓаните им препорача да одат пеш......Зарем тоа му доликува на еден министер за финансии? Зарем ваквите “решенија“ на министерот Славевски се дел од “ преродбата “ која што ВМРО-ДПМНЕ им ја ветува на граѓаните, рече Манасијевски.
Тој во своето излагање ги потсети жителите на Гази Баба и на скриениот “адут“ на “Коалицијата за подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 2.
Погледнете ја вимателно листата на ВМРО-ДПМНЕ за изборна единица 2 и ќе видите дека на високото, добитно, петто место се наоѓа Амди Бајрам - човекот кој што представува синоним за криминал и корупција...Зарем Амди Бајрам е човекот кој што на Македонија ќе ја понесе во НАТО и ЕУ? Зарем Амди Бајрам е човекот кој што ќе даде свој придонес во борбата со корупцијата и криминалот?, рече Манасијевски.
Пред жителите на Гази Баба говореа и кандидатите за пратеници од “Сонце“ Славица Грковска и Вачо Пешевски - претседател на Партијата на пензионерите.