ВЕСТИ
Наместо животниот стандард, растат цените!
20.04.2008

Форумот на жени на ЛДП ја обвини Владата на Никола Груевски дека со својата неспособност за многу кус период директно влијаеше на намалување на животниот стандард на граѓаните, непреземајќи соодветни мерки за зголемувањето на цените на основните животни намирници. Од кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, цените се во континуиран пораст, велат во ЛДП. „Во овој двегодишен период цените се зголемени од 40% до 80%, што директно покажува колку Владата на ВМРО-ДПМНЕ е неспособна да го подобри животниот стандард на македонските граѓани. Наместо славната преродба во сто чекори и економски развој, македонските граѓани се соочуваат со континуирано поскапување на цените на основните прехрамбени продукти што тешко можат да го поднесат имајќи го во предвид нискиот животен стандард“, вели Роза Каревска-Топузовска од Форуот на жени на ЛДП. Претставнички од Форумот низ примери ја доловија ценовната разлика на прехрамбените производи од пред две години и сега. "Ова млеко пред две години можев да го купам за 27 денари сега го плаќам 47, сирењето, веќе е луксузен производ"– рече Бистрица Станковска. "Килограм пилешко месо купував за 167 ден, сега тоа чини 247ден" – додаде Нина Маркова. "Вистина е дека Груевски ни ги покачи пензиите за 12%, но пред две години маслото за јадеше чинеше 54 ден а сега, двојно повеќе. Го купив 94 ден"– објасни Маре Сталевска, покажувајќи ја сметката за купените продукти. "Подобрување на животниот стандард неможе да се очекува од Влада како оваа на ВМРО-ДПМНЕ чиј Буџет не е ниту развоен ниту реформски. Со Влада која единствено планира како да ги потроши буџетските пари на скап мебел, коли и масовни кампањи неможе да се очекува развој на економијата во РМ. Уште повеќе, кога се работи за Влада неспособна да ја амортизира инфлацијата и со тоа да го спрече ценовниот шок."-обвини претседатеката на Форумот на жени на ЛДП, Роза Топузова Каревска.

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------