ВЕСТИ
Градоначалникот на Велес обвини дека изградбата на новиот театар е искористена за политички цели
22.05.2008

Велешкиот градоначалник Аце Коцевски (член на Централниот Одбор на ЛДП) денеска обвини дека поставувањето на камен темелник на нова театарска зграда во Велес e искористено за политички цели.

"Упатувам благодарност до Владата за тоа што го направи за разлика од сите други Влади да инвестира важни проекти во културата и иако скромни 14 милиони денари предвиде ставка за изградба на театарска зграда во Велес" - изјави на денешниот прес Коцевски, додавајќи дека се гордее со театарот од Велес но протестира затоа што како градоначалник и сите граѓани кои не се членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ или се партиски неопределени им било оневозможено достоинствено да присуствуваат на оваа свеченост.

Коцевски приложи како доказ и покана на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ со кое во поштенски сандачиња граѓаните биле информирани за присуство на настанот. Тој рече дека е разочаран од Управата, актерите на театарот и вработените, кои според него немале доблест да се спротивстават и да не дозволат театарот да биде злоупотребен во изборни цели.

Коцевски смета дека поставувањето на камен темелник на новата театарска зграда не било според градежните прописи. Според него темелот во кој се наоѓаат осветените камења се наоѓа на три метри поголема висина од вистинските темели кои треба да го носат театарот и затоа според градоначалникот тие ќе завршат на депонија на градежен шут.

Коцевски ја праша Владата на Македонија како ќе го изгради театрот за две години за кој се потребни пет милиони евра.

"Ако само годинава вложила вкупно шест милиони евра во сите капитални културни проекти во земјава, тогаш доколку сака тоа да го реализира во наредната година ќе треба да се откаже од изградбата на сала за македонската филхармонија, куќата на Мајка Тереза, од стариот театар во Скопје и други започнати проекти во културата" - објасни Коцевски.

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------