„Дваесет дена пред официјалниот почеток на изборната кампања, се случуваат два крајно сериозни инциденти. До први јуни ни остануваат уште 40 долги денови и 40 долги ноќи“, велат во ЛДП изразувајќи ја својата сериозна загриженост од развојот на настаните.
„Она што особено загрижува е фактот дека како можни извршители се посочуваат високи полициски фукционери и оти има индиции дека во инцидентите е користено службено оружје. Оттаму е разбирливо, и со право е сите граѓани да си го поставуваат прашањето за сопствената сигурност и за тоа што се можеме да очекуваме во наредниот период со вака неспособно и целосно партизирано Министерство за внатрешни работи“, вели портпаролот на ЛДП, Илија Нешковски.
Според Либерално-Демократската партија, МВР не само што не превзема ништо за превенција на вакви настани, не само што не се обидува да ги спречи, туку според изјавите на сведоците е инволвирана во нив, таа е актер во инцидентите.
„Најголема одговорност сноси некомпететниот министер за внатрешни работи – Гордана Јанкуловска која истовремено е целосно ангажирана во предизборбната кампања на ВМРО ДПМНЕ. Министерката наместо да си ја работи работата, турка предизборна кампања“, велат во ЛДП.
„Посебна приказна е Рефет Елмази. Поминаа неколку месеци откако наводно поднесе оставка, но тој е активен во МВР како никогаш до сега. Бараме на Рефет Елмази да му се забрани било каков пристап во МВР. Потсетуваме дека, Рефет Елмази има досие на многукратен сторител на сериозни прекршувања на изборните дејствија. Ова е документирано не само во официјалните извештаи на МВР, туку и во извештаите на ОБСЕ. Посебно потсетуваме на инцидентот на избирачкото место во селото Синичане. Останувањето на ваков човек на позицијата заменик министер е гаранција за континуирано насилство во изборниот процес“, дециден е ставот на ЛДП.
На кеајот од прес-конференцијата ЛДП му упати прашање на премиерот Никола Груевски „зошто сеуште го штити главниот оперативец на т.н план „Касапана“.