ВЕСТИ
Кандидатите за пратеници од коалицијата "Сонце" од четворката на митинг во Прилеп
29.05.2008

Кандидатот за пратеник од ЛДП во четвртата изборна единица и претседател на Форумот на жени на ЛДП, Роза Топузова Каревска, заедно со останатите кандидати за пратеници од листата на “Сонце-коалиција за Европа” денес одржаа предизборен митинг во Прилеп.На митингот се обрати и лидерот на ЛДП, Јован Манасијевски.

На митингот во Прилеп, Топузова-Каревска им порача на граѓаните на први јуни да се определат за политичари кои одговорно ги исполнуваат своите ветувања.

"Слушам дека прилепчани биле исплашени и немало да излезат на митингот. Кој може да не исплаши нас прилепчаните, кога од овде се запишани најсветлите датуми во нашата историја и овде се роди сонцето на слободата над Македонија.

Ние од “Сонце”сме тука и нема од што да бегаме. Се прашувам од што Груевски избега од овој плоштад. Дали се засрами од неговите кандидати за пратеници или пак можеби се исплаши дека ќе го сретне некој од неговите професори од Економскиот факултет,па да го искара дека ништо не научил.За 2 години успеа да ја уништи македонската економија, не направи ништо да ја спречи двоцифрената инфлација, создаде армија на нови невработени и ни донесе високи цени и низок стандард. "-рече Топузова Каревска.

Топузова Каревска ги праша граѓаните на Прилеп какви пратеници сакаат да испратат во Собранието на РМ. "Дали сакате пратеници-послушници како оние на ВМРО-ДПМНЕ кои не прочитале ниту еден член од ниту еден закон, ниту напишале амандман за доброто на својот град?" -праша Топузова Каревска.

На градоначалникот му порача дека од Прилеп-град на уметноста го претвори во град на кичот и невкусот. “ Се фонтана до фонтана, а прилепчани и гладни и жедни. Најскапа вода во Македонија пиеме. “ -рече Топузова Каревска.

На митингот во Прилеп се обрати и лидерот на ЛДП, Јован Манасијевски, кој го критикуваше досегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и политиката на изолација која ја води оваа влада. "На Македонија не и требаат премиери кои што намество да соединуваат го разединуваат македонскиот народ, премиери кои што нашата земја ја скараа со сите поддржувачи од меѓународната заедница. Во овие 2 години Груевски оствари само четири пати билатерални средби со премиери на други држави. Груевски успеа да се скара и со претседателот на државата па дури и со преговарачот Димитров, вмро-овец од глава до петици. "-потенцира Манасијевски.

Пред жителите на Прилеп се обратија и кандидатите за пратеници од Прилеп, Тони Кироски и Горан Сугарески, носителот на листата Зоран Заев, потпретседател на СДСМ како и претседателот на Нова Алтернатива, Оровчанец и претседателот на НСДП, Тито Петковски. Последна на митингот зборуваше претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

 

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------