ВЕСТИ
Централен митинг на “Сонце-Коалицијата за Европа” во Скопје
27.05.2008

Сонце - Коалиција за Европа вечерва на плоштадот Македонија во Скопје го одржа централниот предизборен митинг на кој ги претстави кандидатите за пратеници за претстојните парламентрани избори.

Претседателот на ЛДП и носител на кадидатската листа во втората изборна единица, Јован Манасијевски го критикуваше досегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, економската политика како и политиката на изолација која ја води оваа влада.

"Во недела како што е ред прво ќе испазарувате, ќе купите леб, млеко и масло а потоа ќе одите на гласање. Оние малку кои ќе бидат задоволни со “пазарлукот” слободно можат да гласаат за владеачката партија. Но оние многу кои што ќе се најдат засегнати од екстремно високите цени на основните животни производи ќе гласаат за коалицијата која знае да превеземе конкретни мерки и да го подобри животниот стандард,за ”Сонце-Коалицијата за Европа”. Нас не ни треба министер за финансии како Славевски кој што како одговор за инфлацијата и поскапувањето на цените има: “граѓаните да држат диета и повеќе да одат пеш”."- рече Манасијевски.

Одсликувајќи мултиетничноста на државата Манасиевски им се обрати и ги повика на гласање на нивниот мајчин јазик ромите, турците и србите, подвлекувајки дека “Сонце-Коалицијата за Европа”е таа што на сите им нуди мултиетничка европска Македонија.

" Никој, па ниту Никола Груевски не може да си игра со македонското сонце и никој не може да каже дека тоа сонце ќе зајде. Во Република Македонија има луѓе и сила која ќе се избори за нашето македонско сонце"- рече лидерката на СДСМ Радмила Шекеринска.

Таа повтори дека коалицијата „Сонце“ за шест месеци ќе донесе датум за преговори со Европската унија, НАТО-покана и оти за шест месеци со македонски пасош без визи ќе се патува низ Европа.

Претседателот на Нова алтернатива Ѓорѓи Оровчанец на присутните граѓани им порача дека на 1 јуни се носи суштинска одлука - „или ќе одиме во Европа или ќе останеме во портокаловиот свет“. Лидерот на либералите Стојан Андов рече дека народот на 1 јуни ќе бира меѓу Сонцето и неговото помрачување.

Носителот на кандидатската листа во изборната единица шест Игор Ивановски пак вети дека ако победат веќе од втори јуни ќе престанат пукотниците, ќе нема поделба на територии, ќе се подобри економијата.

Зоран Заев кој е носител на листата во четвртата изборна единица рече дека Сонцето ќе донесе среќа за сите граѓани, додавајќи дека „на крајот на тунелот Македонија ја чека светлина“. Тој истакна дека најголемата поддршка оваа Коалиција ќе ја има од земјоделците.

Говорејќи за владиниот Предлог закон за стечајците, Тито Петковски од НСДП, рече дека неговата партија две години, како што наведе, барала од премиерот да го донесе тој закон, но оти тој велел дека тоа не го дозволува ММФ бидејќи не бил реформски.

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------