Сонце - Коалиција за Европа изборната кампања ја започна во Штип каде што на митингот на градскиот плоштад носителот на листата за пратеници од третата изборна единица Тито Петковски ги претстави 20 - те кандидати за пратеници.
- Кога и да сум се појавил на оваа место не сум изгубил на изборите. Граѓаните на први јуни можат да избираат помеѓу две можности - едната за брз влез во ЕУ и НАТО, а втората до кога ќе постои Македонија, потенцираше Петковски на вечерашниот митинг во Штип.
Лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска рече дека Сонцето ќе го покаже патот кон најдобра и европска Македонија. Во својот говор таа најмногу се осврна на економијата, инфлацијата, нивниот ангажман за загарантираната најниска плата во Македонија и секако решавање на проблемот со стечајците.
- Доколку победиме ќе го решиме проблемот на стечајците за три месеци, а за шест месеци ќе влеземе во НАТО и за исто толку ќе добиеме покана за ЕУ, изјави Шеќеринска. Таа додаде дека во изминатите две години во Македонија бројот на невработените се зголеми за 35. 000 лица, од кои 10. 000 се од Источна Македонија.
- Наместо преродба во 100 чекори на граѓаните, ВМРО им донесе невработеност и сиромоштија, потенцираше Шеќеринска.
Лидерот на Либералнодемократската партија Јован Манасиевски изјави дека „не е време за говори, во ВМРО - ДПМНЕ се парите и пропагандата, но во Сонце - Коалицијата за Европа се вистината и аргументите“. Манасиевски потенцира дека коалицијата „За Европа“ ќе ја сопре инфлацијата, оти треба да се стави крај на економското пропаѓање на Македонија.
На вечерашниот митинг во Штип се обрати и кандидатот за пратеник од Штип Маринела Тушева.