Либерално демократската партија во соработка со Партијата на европските либерал - демократи (ЕЛДР), Холандските либерал - демократи (ВВД) и Фондацијата „Фридрих Нојман“ денеска о држа конференција на тема „Овозможување на европската агенда во Југоисточна Европа: Либерални одговори на конзервативните и популистички политики“.
На конференцијата, беа дефинирани перспективите на Југоисточна Европа на патот кон евроатланските интеграции, особено во поглед на конзервативните политики и растечкиот популизам со кои се соочени граѓаните од регионот.
Од особена важност е да се нагласи дека на Конференцијата присуствуваа двајца актуелни министри, министерот за внатрешни работи на Романија, Кристијан Давид и бугарскиот министер за заштита на животната средина, Џевдет Чакаров. Тие во своите излагања, пред македонските либералдемократи посочија на важноста од обезбедување општ консензус во борбата против популизмот, укажувајќи дека заштитата на човековите права и индивидуални слободи се една од темелните вредности, на која треба таа борба и да се базира.

Романското искуство, според Кристијан Давид укажува дека единствени инструменти за борба против популизмот се демократијата, сфатена во нејзината вистинска форма, изградбата на силен образовен систем кој преку перманентна едукација создава луѓе коишто се способни да ги воочат и да им се спротистават на популистичките методи на владеење. Според него, потребна алатка претставува и изградбата на систем на одговорност, како единствената мерка врз основа на која се утврдуваат механизмите на успешност или на популизам на одредена политичка гарнитура.
Потпретседателот на Либералната Интернационала, Џевдет Чакаров говорејќи за политичките тенденции во регионот укажа на важноста од респектирање на малцинските права како база на либералната политика. Тој говореше и за регионалната соработка како исклучителен елемент во процесот на евроинтеграција.

Претседавач на Националниот Совет за европски интеграции на Хрватска, Весна Пусиќ низ хрватска призма ја акцентираше потребата од жесток одговор на популизмот. Таа, во своето обраќање зборуваше за национализмот, како емоционална категорија во политичката битка, леплива за широката популација, која е без клучен одговор за тоа дали евроатланските интеграција се врвен израз на остварување на националните интереси. Според неа, основен и единствен национален интерес и на Хрватска и на Македонија е интегрирањето во ЕУ и во НАТО. Тоа, според Пусиќ не е можно без постигнување општ консензус на сите политички и општествени структури. Таа, исто така, како клучен инструмент за борба против популизмот ја посочи квантификацијата на резултатите од работата. Имено, таа укажа дека владите, како оние во кои партиципираат либерал-демократите секогаш ги завршуваат своите мандати со мерливи резултати, наспроти оние коишто своето владеење го базираат на популистички мерки и недостигот од ефекти од работењето го прикриваат со лесно запалива националистичка реторика.
Претставничката на Либералната Алијанса од Грција, Евгенија Нацулиу го акцентира значењето на добрососедските односи посочувајќи дека нивната партија се залага за почитување на правата на оние што себеси се чуствуваат како македонци, во и вон границита на Грција. Според, Нацулиу малцинствата треба да бидат мост на добрососедство и на развивање на пријателските односи.
Европратеникот, Биљана Раева од бугарското НДСВ (Национално Движење Симеон Втори) истакна дека либералната политика е од исклучително значење не само за регионот туку и во пошироки рамки, имајќи ги во предвид глобалните закани, како што е климатското затоплување.

Во својот завршен говор, претседателот на ЛДП, Јован Манасијевски заклучи дека либералните демократи се клучен фактор во борбата против популизмот со кој е соочена Македонија. За него, од особена важност е да се соголи економскиот популизам на Владата на Груевски, кој се рефлектира преку енормниот буџет, кој наместо да се стави во фунција на развој, се користи за корумпирање на избирачите. Партизацијата на администрацијата, нејзиното енормно зголемување со партиски послушници, воведувањето т.н. патриотски фискални сметки, фронтот против секуларниот карактер на државата, отворената војна со независните регулаторни тела, празните маркетингшки кампањи, се само дел од елементите кои сведочат за популистичката политика на Владата. Таа политика не е недемократска, туку претставува злоупотреба на демократијата за уништување на реалниот плурализам. Таа политика, според него, мора да биде поразена на 1 јуни. Од исклучително значење, вели Манасијевски е Македонија да се одбрани од битката на патриоти и предавници која како клучна предизборна реторика ја диктира владата. „Се надеваме дека со денешните пораки и со поддршката од нашите меѓународни пријатели во наредните неколку недели ќе успееме да ги убедиме граѓаните дека голиот популизам на Груевски не ја носи Македонија кон просперитет и дека на 1 јуни ќе го дадат својот глас за единствена опција, опцијата на ЛДП, која ја носи Македонија во вистинската насока, на патот кон развојот и напредокот преку интегрирањето во евроатланските процеси.“-истакнаМанасијевски.
Во затворената сесија на Конференцијата, либералните демократи од регионот се договорија да биде формирана регионална мрежа на либерални-демократи од Југоисточна Европа која, според договорот ќе ја координира хрватската либералдемократка Весна Пусиќ.