ВЕСТИ
Промовирана "Сонце-Коалиција за Европа"
02.05.2008

ЛДП заедно со уште шест политички партии ја формираа коалицијата „Сонце - Коалиција за Европа”.ЛДП, СДСМ, НСДП, ЛП, Нова Алтернатива, Зелената партија и Партија на пензионерите заедно ќе настапуваат на предвремените парламентарни избори во рамките на "Сонце-Коалиција за Европа" . Коалицијата има заеднички став дека Македонија треба да се стави крај на политика на изолација и Македонија што поскоро да влезе во НАТО и ЕУ.

Лидерот на Либерално-Демократската Партија, Јован Масијевски изјави "Во последните две години нашето сонце се оддалечува од орбитата на останатите ѕвезди кои сјаат на Европското небо.Македонија стои, Македонија заглави на патот за ЕУ и НАТО. И се лажат сите оние кои мислат дека ЕУ ќе чека на нас. На Македонија и требаат лидери кои секој пат кога ќе се најдат пред предизвик нема да се кријат, да бегаат од граѓанинот, без храброст да донесат вистинска државничка одлука во најдобар интерес на нашето Сонце, на граѓанинот на Македонија.

"На 1 јуни граѓаните ќе треба да избираат помеѓу интеграција и изолација на Македонија, помеѓу модернизација и присутниот кичест конзервативизам. Луѓето од оваа страна, од страната на Сонцето, во оваа кампања ќе говорат за модернизација на државата. Тие другите, од другата страна, нема да говорат за модернизација, а својата суштинска антимодернизациска политика ќе ја камуфлираат со еден единствен збор - патриотизам. Ние ќе говориме за потребата од што побрза интеграција, а тие нема да говорат против тоа, но нивните суштински антиинтеграциски политики ќе бидат исто така камуфлирани со еден единствен збор - патриотизам На Македонија не и требаат луѓе кои не знаат да се изборат за Македонија, луѓе кои од страв го распуштаат Парламентот и ја блокираат земјата без оглед колку сериозни последици би настанале за Македонија и нејзините луѓе.Овие луѓе овде никогаш не бегале од тешки и одговорни одлуки, ако биле за доброто на сите граѓани на Македонија и иднината на нашата држава. И затоа се тука денес пред Вас, собрани во коалицијата Сонце, за Македонија во ЕУ без компромиси, сега и веднаш! А тоа веќе еднаш го направивме – не прашувајте како, знаеме како, само дајте ни шанса. Нашите резултати зборуваат за тоа дека секогаш кога требало знаевме да се избориме за она што било најдобро за Македонија. А денес тоа е Сонцето во Европа!"-истакна Манасијевски.

"Кога во 2004 година ја претставив програмата за влез во ЕУ – И сонцето е ѕвезда знаев дека наскоро ќе добиеме статус на земја кандидат. Имавме вистински тим од млади, одлучни луѓе и она што е најважно: поддршка од граѓаните на Македонија. Поддршка за нашето Сонце да стане една од сјајните европски ѕвезди. Знаевме дека за тоа можеме да се избориме ! Денес, три години подоцна, стојам тука пред Вас со уште повисока цел – членство во ЕУ и НАТО кое мораме да го обезбедиме за Македонија во месеците кои се пред нас.Бидејќи време нема, Македонија не може да чека , нашето Сонце не може да чека, граѓаните на Македонија не можат да чекаат. Бидејќи денес во Македонија веќе никој не се прашува дали ЕУ или НАТО туку само кога. И не е сеедно кога – што порано ! Денес, сите овие луѓе овде, моите пријатели и партнери Тито, Јован, Ѓорѓи, Пандора и Ванчо и јас лично, Ви ја претставуваме СОНЦЕ – КОАЛИЦИЈА ЗА ЕВРОПА. И денес ги повикуваме граѓаните на Македонија на 1 јуни да ни дадат шанса, со уште посилен жар и без компромис, да се избориме за Европа. Европа, во која сите овие луѓе овде одамна се наоѓаат преку своите соништа и лични вредности, а сега конечно сакаат преку Сонце таму да ја донесат и Македонија. Без чекање, без одолговлекување, одлучно и без компромис!"- истакна претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Претседателот на НСДП, Тито Петковски изјави: "Денес излегуваме пред вас како Сонце – Коалиција за Европа – која знае дека Македонија веќе не може да да чека на својот пат во Европа и НАТО. Mнозинството во Собранието немаше доволно храброст за клучните важни одлуки за доброто на Македонија, затоа ги повикувам сите граѓани на Македонија, во овие одлучни и тешки времиња за Македонија, својата доверба да ја дадат на луѓе кои секогаш досега знаеле да се изборат за она што било најдобро за Македонија – и затоа Македонци изборот е јасен – на 1 јуни дајте го својот глас за Сонце. "

"Македонија нема перспектива во одложувањето или во останувањето изолирана земја, надвор од НАТО и од ЕУ. Успешни се оние земји кои покрај патриотизамот, имаат и пријателите во светот. Ако се определиме само за патриотизам, ќе ги изгубиме пријателите. Ние се определуваме за европска Македонија. Друга перспектива не постои, се друго е лага" - нагласи претседателот на ЛП, Стојан Андов.

"Ние сме алтернатива. Алтернатива на оваа власт.Но Македонија нема алтернатива. Единствена алтернатива за Македонија е Европската Унија."-потенцира претседателот на Нова Алтернатива, Ѓорѓи Оровчанец.

"Со цел да ги решиме нашите проблеми со загадувањето, потребно е веднаш да станеме дел од Европската Унија и да ги прифатиме европските стандарди за квалитетот на живеењето. "- e ставот на Зелената партија и нејзината претседателка Пандора Никушева.

"Сакаме животот да ни биде многу подобар, за нас и за нашите поколенија. Потребна ни е Европа веднаш, без чекање. Затоа решивме да се приклучиме на коалицијата СОНЦЕ. "-рече претседателот на Партијата на пензионерите, Ванчо Пешевски.

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------