ВЕСТИ
Веронауката конечно на Уставен суд
22.04.2008

Измените на Законот за основно образование со кој се овозможува воведување на веронауката во петто одделение како изборен предмет, кои ги оспорува Либерално-демократската партија, беа тема на вчерашната подготвителна седница која ја свика Уставниот суд.

ЛДП смета дека со задолжителниот избор меѓу веронаука или историја на религиите се повредува одвоеноста на државата и верските заедници, односно највисокиот акт – Уставот, во кој стои дека Македонија е секуларна држава. Проф. Владимир Петрушевски, како претставник на партијата што ја оспорува новината чија примена треба да започне од септември, нагласи дека живееме во секуларна држава, а ваквата верска индоктринација е незаконска и неуставна.

„Македонија е секуларна држава и тоа е регулирано со Уставот, а од друга страна барем половината од наставните содржини кои се предвидуваат во законот, а се однесуваат на веронауката претставуваат индоктринација.Верска индоктринација и секуларна држава не одат заедно“, вели проф.Петрушевски.

Спротивен став изнесе Перо Стојановски, државен секретар во Министерството за образование, кој ги наброја петте причини поради кои се определија за воведување на веронауката. Тоа е направено, како што рече, заради јакнење на националниот идентитет, за задоволување на правото на образование, заради нашата европска опција каде што религиското образование е широко присутно, дури и во Франција, потоа заради јакнење на толеранцијата и можноста за избор што им се дава на основците.

 

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------