Човек во својата зрела младост, со десетици мали човечки проблеми и радости. Нема политички идоли, но им се восхитува на луѓето што ги ширеле границите на личната слобода, кршејќи ги табуата на својата епоха.Ова е личниот мини-портрет на Јован Манасиевски, претседател на ЛДП и носител на листата од коалицијата за Европа „Сонце“, во втората изборна единица. По преземањето на лидерската позиција најави пресврт и самостојност во партиското дејствување, но намерите и плановите не секогаш стануваат реалност.
* Почетокот на кампањата не влева оптимизам. Оружјето, за жал, е главен адут во предизборието, особено во партиите од албанскиот блок. Дали по две децении плурализам, се' уште сме слаби ученици или насилството ни е главен критеритериум за освојување на власта?
- Насилството на овие избори не е спонтано, туку проектирано. Тоа е дел од стратегијата на владејачките ДПА и ВМРО-ДПМНЕ. Целта е создавање атмосфера на страв и несигурност, директно и индиректно заплашување на граѓаните за да се намали одѕивот на 1 јуни. Планот на двете владејачки партии е да ги изведат на гласање сите свои гласачи, а истовремено со уцени, закани, заплашувања, со сите дозволени и недозволени средства, да влијаат што поголем број неопределени и незадоволни од оваа влада да останат дома.
ПРЕВРЕДНУВАЊЕ НА ПРИОРИТЕТИТЕ
* Наспроти најавите, одлучивте повторно на изборите да настапите во коалиција со СДСМ. Ви беше ли неопходен „појас за спасување“?
- Овие избори не се обични, рутински. Ова се вонредни избори свикани од премиерот, со амбиција да се променат и превреднуваат стратегиските приоритети на државата. Во прашање е жесток судир меѓу оние што се за интеграција на земјата и оние што заговараат изолација. Вонредните избори создаваат вонредни коалиции. Да ја немавме оваа ситуација - да се биде или не за државата - немаше да ја има ни коалицијата „Сонце“. Таа не е резултат на прагматични партиски интереси, туку е производ на крајна нужда во одбраната на клучните државни и национални приоритети - влезот во НАТО и во ЕУ.
* Во два изборни циклуса, партиите со либерален предзнак беа или „победници“ или губитници. На што се должи неуспехот во нивното стабилизирање на политичката сцена?
- Во немодернизирани и етнички поделени општества како нашето, ваквите партии не можат да бидат доминантни. Но, можат и треба да бидат клучен коректив на доминантните политики. Со европската интеграција на нашата држава, стабилизирањето на средната класа, подигање на вкупниот образовен статус на нашата популација, ќе се создадат услови партиите од овој тип да пледираат и на водечката улога во политичкиот систем.
* Кога коалицијата „Сонце“ ветува влез во ЕУ и во НАТО за шест месеци, коалицијата на власта ве обвинува за тајни ветувања и за продажба на името. Постои ли и кој е „рецептот“ за добивање на двете покани?
- За разлика од владејачките, кај „Сонце“ постои јасна свест за државните и за националните приоритети. Тоа се брза и целосна НАТО и ЕУ-интеграција. Врз основа на таа јасна свест, има цврста решеност за постигнување фер и разумен компромис со јужниот сосед, со кој ќе се замени привременото име БЈРМ. Притоа, не смее никако да се чепка во нашите витални идентитетски обележја. Ако останеме надвор од НАТО и од ЕУ, нашите позиции и капацитет за заштита на македонскиот идентитет рапидно ќе се влошуваат. Што се однесува до нивните обвинувања, тие личат на онаа народната - „Држете го крадецот“. Па, токму Груевски без согласност од Собранието во Букурешт се согласи на промена на името во Република Македонија - Скопје. И пак не доби покана. Нанесе двојна штета - не донесе покана, одработена уште од претходната влада, и ги симна преговарачките позиции на македонската страна. Тоа е резултатот на една импровизаторска политика, без свест за приоритети и без капацитет за реализација.
АМБИЦИОЗНА ЦЕЛ
* Каде точно ги лоцирате разликите во концептите, ако воопшто постојат, за решавање на спорот за името со Грција?
- На една страна, на страната на владејачките партии, имате еден лажен, кич- патриотизам, кој ја води државата во изолација, со кој ги губиме пријателите и сојузниците во меѓународната политика. Тој е губитнички во својата суштина. Не нудејќи никакво решение, бара од граѓаните да се стрпат уште 10, 15 години додека Груевски собере храброст да донесе државничка одлука. На другата страна, европската коалиција „Сонце“ демонстрира реален, капацитетен патриотизам, чија основна цел е што побргу Македонија рамноправно да седне на НАТО и на ЕУ-масата и од таа позиција, позиција на статусна рамноправност да ги штити и унапредува виталните национални и државни интереси.
* Наместо костуми и вратоврски, решивте да носите фармерки, маици и патики. Дава ли резултат кампањата „од врата на врата“ и која е бројката на гласачите што треба да се добие за освојување на власта?

- Се разбира дека дава резултати. Личниот контакт и непосредната комуникација во политичката кампања не може со ништо да се замени. Јас и мојот штаб поставивме амбициозна цел - 40 илјади ракувања во текот на овие три недели. Веќе остварив над 10 илјади. На луѓето им треба лично охрабрување. Сите се загрижени, повеќето и уплашени од постојаното влошување на политичките состојби, од изолацијата на земјата, од секојдневниот раст на цените, од двоцифрената инфлација. Се определив за неформален стил и изглед, зашто е понепосреден, не создава дистанца. Освен тоа, кога сте на целодневна теренска работа, вака е далеку поудобно.
* Коалицијата за Европа „Сонце“ во понудата, меѓу другото, ветува и враќање на средната класа и решавање на статусот на стечајците. Не е ли малку лицемерно тие што ги руинираа и создадоа двете категории, сега да ги спасуваат?
- Средната класа е услов за политичка стабилност и за вкупна одржливост на системот. Таа е неопходна за функционална демократија. ЛДП од своето основање до денес, секогаш предлагала политики и мерки што воделе кон нејзина заштита и стабилизирање. Од ваучерската приватизација што ја предлагавме на почетокот на транзицијата, пакетот мерки за форсирање на малите инвеститори, стратегија за заштита од сиромаштијата, концептот за целосни судски реформи кон крајот на 90-тите, преку реформските проекти во образованието, здравството и јавната администрација. Што се однесува до прашањето на стечајците, тие не се целна група на либерал-демократите, но многу се важни за другите членки на коалицијата, СДСМ и НСДП, и ние го респектираме тој факт. |