Зошто ЛДП се најде во „Сонце – коалиција за Европа“? Само пред три месеци тврдевте дека ЛДП ќе излезе самостојно на избори и дека коалициите пред изборите не се во функција на развојот на демократијата...
- Стојам на тврдењето дека предизборните коалиции не се во функција на зреењето на демократските процеси и на градење политички систем заснован на натпревар меѓу повеќе различни понуди. Но, премиерот со својата деструктивна политика агресивно го наметна овој капитален судир меѓу изолацијата и интеграцијата на земјата, секојдневно го заострува со својата квазипатриотска реторика, создавајќи вистинска референдумска атмосфера. За жал, тука нема веќе простор за нијанси. Изборот е крајно фокусиран и фундаментален. „Сонце“ настана како сконцентриран, жесток одговор на неспособноста на Владата да се избори за клучните државни приоритети. Владата и премиерот станаа заробеници на една политика на самоизолација, на една дефинитивно губитничка и деструктивна политика за Македонија. Тие, со таа своја политика, во таа своја намера - мора да бидат спречени! Затоа настана ова собирање на различните политички сили во одбрана на клучните државни приоритети.
Лидерката на опозицијата, Радмила Шекеринска, обединувањето „на искусни и разумни луѓе“ го образложи со загриженоста за државата, а целта на коалицијата ја дефинираше како „спас за Република Македонија“. Од кого и од што ЛДП ќе ја спасува Македонија?
- Од изолација. Од натамошното останување на овој слеп колосек. Од целосно затворање на перспективите на нашите граѓани. Од простиот факт дека ако продолжи оваа политика, дефинитивно ќе испаднеме во последната европска лига, каде што друштво ќе ни прави само уште Косово.
Според идеологот на ВМРО-ДПМНЕ, партиското „вјерују“ им се базира на семејството, верата, приватната сопственост, претприемачкиот дух... Врз што се базира изборната понуда на ЛДП?
- Желбите на Бранислав Саркањац се сосема в ред. Но, за жал, производот – ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не одговара на декларацијата која сака безуспешно да му ја залепи Саркањац. Моментно, според политиките што ги спроведува, ВМРО-ДПМНЕ е една идеолошка грдотија која маршира напред со стравотни амбиции. Најпластична слика за тоа дава вашиот колега Зоран Димитровски во еден свој скорешен одличен текст.
Понудата на ЛДП е на линија на клучните либерални стандарди и политики. Намалување на огромниот државен буџет, вистинско намалување на давачките по основа на даноците и придонесите, создавање простор за развој на малите инвеститори, дерегулација секаде каде што е можно, одбрана на секуларниот карактер на државата од најновиот квазирелигиски занес на Владата во заминување, жесток отпор на сите популистички политики, бескомпромисна одбрана на индивидуалните права, проширување на подрачјата на личната слобода, заштита на приватноста од страна на сеприсутната држава, борба против дискриминацијата на која било основа.
ДОМ ќе бара објаснување и заштита од агресијата што сте ја искажале со одврзувањето на вратоврската на конвенцијата!?
- Такви ступидарии не заслужуваат посебен коментар. Мене ми е искрено жал што една фина госпоѓа како што некогаш беше Лилјана Поповска, откако почна да се дружи со типови како Амди Бајрам, ги загуби критериумите за пристоен вкус.
Лидерот на српската ЛДП ни изјави минатата недела дека либералната опција има шанси затоа што сите други политики го уништија сето она со што се зафатија. Какви се реалните шанси на либералната опција во Македонија во догледно време?
- Моментно во Македонија, како и пошироко во регионов, партиите од нашиот профил можат да играат улога на значаен коректив на другите доминантни политики. Но, во догледно време, со нашето европско интегрирање, растот на средната класа и значајното подигање на бројот на високообразовани граѓани, ќе се создадат услови партиите со либерален профил да бидат доминантни, а со тоа и да ја диктираат политичката агенда.
„ЛДП знае?“ Дали и може? Ќе има ли шанси да покаже што знае?
- Се разбира дека и може. Тоа го имаме докажано изминативе години кога граѓаните ни дале шанса, кога сме имале можност да раководиме со повеќе ресори и институции. Граѓаните многу добро паметат колку ефикасно раководевме со главниот град, како денес европски се раководи со Велес, како министрите на ЛДП со својот тим беспрекорно ја изведоа една од најсложените реформи спроведени досега - онаа на пензискиот систем. Паметат како целосно, во рокови и со грст пофалби од НАТО, ги изведовме одбранбените реформи, како направивме револуционерен чекор со укинување на обврската за служење на воениот рок... Има уште многу, да не редам понатаму, ќе го потрошиме предвидениот простор за ова интервју. Ако на 1 јуни добиеме нова шанса, ќе реализираме уште многу проекти за модернизација на нашето општество.
Коалицијата „Сонце“ оптимистички најавува евроатлантски интеграции за шест месеци. Во февруари не очекувавте грчко вето во Букурешт, па доживеавме разочарување. Иако е кампања, врз што сега го темелите оптимизмот?
- Во грчкото вето голема улога имаше работата на нашата Влада. Само да ве потсетам на бројните коментари во грчкиот печат по Самитот, каде што неподелена беше оцената дека овој, за нив, голем успех на грчката надворешна политика немаше да биде постигнат ако Скопје немаше ваков премиер. Треба да се потсетиме на уште еден ноторен, документиран факт - во март 2006 година, премиерот Караманлис цврсто стоеше на ставот дека „нашиот северен сосед може да биде примен во НАТО само под привременото име БЈРМ. Никако поинаку“. Кажете ми што се промени оттогаш, во овие две години, за Караманлис да се почувствува толку силно, радикално да ја заостри својата позиција и да стави вето на поканата под референцата БЈРМ? Инаку, нашиот оптимизам го темелиме на нашата претходна работа и стекнатото искуство. Обезбедивме кандидатски статус во 2005 година без Грците да се осмелат да ни стават вето. Немаме никаков сомнеж дека до крајот на годината владата на „Сонце“ ќе обезбеди покана за НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.
Најавувате и дека коалицијата „Сонце“ ќе ја сопре инфлацијата и дека ќе стави крај на економското пропаѓање на Македонија? Како? И зошто не го направивте тоа во поранешното практицирање на власта?
- Инфлација во Македонија немавме цели 16 години. Последен пат имавме во 1992 година, во време на владата на Кљусев. Сегашната рекордна инфлација е резултат на отсуство на ефективни политики и целосно неснаоѓање на владиниот економски тим министри. Нивните тврдења дека сегашната инфлација е увезена преку растот на цените на нафтата и на храната во глобални рамки се манипулативен и блед обид да ја скријат својата неспособност. На пример, Албанија е многу позависна од нас од увоз на храна, а инфлацијата таму е едвај 4 отсто. Во мандатот на претходната влада, од 2002 до 2006 година, цената на нафтата на светските берзи се зголеми за цели 250 проценти, а инфлацијата не надмина 3 отсто. Сега, за овие две години, цената на нафтата поскапе за 110 отсто, а инфлацијата веќе близу половина година е над 10 отсто. Фактите сами говорат.
Зошто, освен Зоран Заев, нема кадровски освежувања во врвовите на кандидатските листи на коалицијата? Изборот на носителите и на лицата на билбордите не гарантира нова понуда...
- Сериозната политика не е модна индустрија, па секоја нова сезона да форсирате нови, свежи модели. Точно е дека транзицијата брзо ги троши политичките лидери, меѓутоа, сепак, не до тој степен - со секои нови избори да мора да ја менувате целата постава. Пратеничката група на ЛДП, според сите оцени, работеше извонредно и оттаму најголем дел од неа и во иднина ќе продолжи да ги застапува интересите на граѓаните во Собранието.
Дали по периодот на надлажување, не' чека посреќна или уште потегобна иднина? 
- Зависи од тоа каков избор ќе направат граѓаните на 1 јуни.
Каков е ставот на ЛДП за спорот за името? Патриотизмот навистина „не лекува болни и не дава леб“, ама може ли да опстане држава без патриотизам?
- Патриотизмот е најчесто злоупотребуван збор во историјата на политиката . Од антички времиња, па се' до денес, ништо се нема променето. Кога ќе ја оплескаш работата, кога немаш решение, кога сакаш да ја одбегнеш одговорноста - повикај се на патриотизам. Имаш шанси да ти пројде! Ставот на ЛДП во однос на спорот со јужниот сосед е јасен. Тој произлегува од цврстата определба за ултимативна реализација на државните и националните приоритети - брза и целосна интеграција во НАТО и во ЕУ. Врз основа на таа цврста определба, во ЛДП постои јасна свест за потребата од постигнување фер и разумен компромис со јужниот сосед со кој ќе се замени привременото име БЈРМ. Притоа, не смее да се влегува во никакви разговори за клучните обележја на нашиот идентитет. Ако, пак, останеме надвор од НАТО и од ЕУ, нашиот вкупен реален капацитет за заштита на македонскиот идентитет значително ќе се влоши.
Како ексминистер за одбрана, можете ли да одговорите зошто и во ресорот во кој последните 17 години е многу направено и беше државен „џокер за НАТО“, сепак, се редеа скандали и афери. Може ли да се среди хаосот со набавките во МО? Двајца ексминистри се на суд, ревизијата обвини дека и за време на Вашиот мандат прекумерно се трошело, несреќата на хеликоптерот со мировниците никако да добие разврска, а можеби е поврзана со набавките и сервисирањето...
- Станува збор за исклучително голем и обемен ресор. Овој ресор, заедно со МВР, е најголем потрошувач на државниот буџет. Таквата поголема потрошувачка предизвикува и поголеми проблеми во однос на другите ресори. И многу поразвиени и поспастрени земји-членки на НАТО не се поштедени од разни афери во овој домен. Единствен рецепт за средување на состојбите е педантно и континуирано следење на дефинираните стандарди и процедури на НАТО при набавките. Во некои случаи, стандардите на НАТО и нашите законски решенија за спроведување јавни набавки се во колизија, како што е, на пример, и стандардната процедура на НАТО за таканаречените повеќегодишни договори кои беа предмет на забелешки од страна на ревизорите. Што се однесува до хеликоптерската несреќа, јавноста со нетрпение ги очекува резултатите од истрагата, особено по контроверзиите што се појавија во текот на истрагата. Врз основа на наодите од истрагата, сите инволвирани ќе мора да понесат соодветна одговорност. |