Можеме и мораме, така вели кодексот за фер и демократски избори, потпишан пред стартот на предизборната кампања. По само неколку дена од потпишувањето, изрешетан е автомобилот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Па, може ли, особено што Македонија мора да реализира фер и демократски избори ?
Обидот за атентат на еден од опозициските лидери е дел од една насилничка кампања што ја водат владеачките ДПА и ВМРО-ДПМНЕ. Мора да бидеме на јасно. Не се работи за спонтана изборна нервоза на некои фанатизирани партиски активисти. Станува збор за осмислен проект, кој преку секојдневни оружени инциденти треба да создаде атмосфера на страв и несигурност чија крајна цел е одвраќање од намерата да гласаат на сите оние што не се сигурни гласачи на власта, односно, што помал одзив на изборите. Владеачките ДПА и ВМРО - ДПМНЕ имаат детално разработен план според кој ќе ги извадат на гласање сите свои гласачи, а ќе се обидат што поголем број од опозициските и особено неопределените кои се незадоволни од вкупните состојби да ги задржат дома на денот на изборите. Добро познат факт е дека секојдневното оружено насилство, стравот, несигурноста и немањето чувство на лична безбедност влијаат крајно демотивирачки на неопределените. Досега, од денот на распишување на вонредните избори имаме речиси триесетина оружени инциденти. Вистинска среќа е што нема и човечки жртви. Сите овие инциденти се насочени кон локации каде што се собираат опозициските активисти. Полицијата не покажува никакви резултати од истрагите, кои ги води само формално. Од овие случувања, како и од повеќе други крупни нерегуларности во организацијата на изборите - фабрикувањето изборни листи со дублери на носителите на европската коалиција Сонце, останувањето на функцијата претседател на ДИК на продолжената рака на премиерот, многуте нејаснотии со избирачкиот список - повеќе од очигледно е дека не постои реална волја кај владеачките да организираат фер и регуларни избори. Напротив, станува јасно дека се подготвени и на најбрутални незаконски дејствија за да се задржат на власт.
Како се чувствувате што и по толку изборни циклуси и 17 години транзиција , се уште се бавиме со прaшањето - ќе имаме ли фер и демократски избори ?
Бедно, исто како и мнозинството граѓани.
По вокација сте социолог , а во политиката имате солидно искуство . можете ли да дадете социолошка слика на политичкиот миг во кој е Македонија ?
Македонија е длабоко поделено општество. По разни основи. Најопасни се етничката и социјалната поделеност. Сите изминати години, за жал, не најдовме начин и доволно сили како да ги ублажиме овие поделености. Напротив, тие со текот на времето се продлабочуваа. За етничката компонента прилично се зборува, иако во најголем дел паушално и без реални резултати. За растечката социјална поделеност и неуспехот на општеството и институциите да одговорат на неа, за жал, речиси воопшто не се ни зборува. Македонското општество е длабоко поделено меѓу големото мнозинство осиромашени граѓани и минорен дел на големи добитници од транзицијата. Меѓу нив стои мала, недоволно силна средна класа. А токму таа е клучот на стабилноста, врзивното ткиво на општеството. Затоа, клучните напори треба да бидат на тој фронт - да изградиме силна и стабилна средна класа. Сега, Македонија е држава без значајна средна класа. Се уште е мал бројот на луѓето што и по економските параметри и по своите вредности припаѓаат на средната класа. Има еден значаен дел од населението кој по своите вредности и пошироко, статусно гледано, треба да е дел од средната класа, но, за жал, лошите економски параметри тоа не им го дозволуваат. Мнозинството граѓани се осиромашени во долгата транзиција и се чувствуваат како губитници. Тие, за жал, по дефиниција се подложни на популистички заведувања. Таквата ситуација кај ови луѓе создава силна фрустрација и гнев и тие се лесен плен на вештите популисти. Оној кој тоа најдобро го прави е херојот на денот. Неговиот рејтинг расте. Го говори и го прави она што мнозинството сака да го слушне, без да води сметка за реалните факти и долгорочниот интерес.
Како гледате на фактот што одново како да сме на почетокот со евроатланската интеграција ? Хрватска напредува во поглавјата со ЕУ , Србија доби ветер во грб со проевропскиот Борис Тадиќ , Албанија ја доби поканата за НАТО . Каде е Македонија ?
Македонија сега стои на слеп колосек. Хрватскиот, албанскиот, српскиот пример само уште повеќе ја потенцираат нашата осаменост. Таквата политичка изолација нужно ќе доведе и до економски застој, намалување на инересот за странски инвестиции, скепса и страв кај домашните инвеститори. Многу бргу може да се појават и безбедносни ризици од понизок интензитет, кои дополнително ќе ја влошат вкупната перцепција на земјата и дефинитивно ќе ја сместат во последниот европски круг, во друштво само уште со Косово.
Како бивш министер за одбрана и како опозиционен лидер , какви Ви се проценките околу шансите Македонија , сепак , да го реши спорот со името и да ја добие поканата за НАТО ?
Шансите се реални ако сме цврсто определени за реализација на државните и националните приоритети - брза и целосна НАТО и ЕУ интеграција. Врз основа на таа цврста определба во Сонце постои јасна свест за потребата од постигнување фер и разумен компромис со јужниот сосед со кој ќе се замени привременото име БЈРМ. Притоа, не смее никако да се чепка во нашите витални идентитетски обележја. Ако, пак, останеме надвор од НАТО и ЕУ, нашиот вкупен реален капацитет за заштита на македонскиот идентитет значително ќе се влоши.
Зошто ја крстивте коалицијата Сонце ?
Се определивме за вакво радикално, ултравиталистичко брендирање на коалицијата заради суштинското значење на одлуката што ќе ја донесат граѓаните на први јуни. Кризата во која се наоѓа државата е исклучително тешка, постои многу сериозен ризик од долгорочно закопување на нашите НАТО и ЕУ перспективи. Граѓаните ќе избираат меѓу животот и тивкото, бавно имплодирање, умирање во вистинска смисла на зборот. Сонце, таа чиста, јасна, жестока порака ја доближува до луѓето најефикасно, без потреба од многу зборови и дополнителни објаснувања.
Колку сте задоволни од составот на Коалицијата за европска Македонија ? Можевте ли да претпоставите дека во ваков состав , заедно со Петковски , Андов и Оровчанец , ќе одите на избори ?
Создавањето на Европската коалиција не настана како резултат на посебни подготовки и подетално хармонизирање на партиските интереси што е стандард при градењето коалиции. Сонце настана спонтано. Настана како резултат на конфузијата, безкапацитетноста, неспособноста на владата да се избори за она што е најважно. Всушност, Сонце настана од нужда. По траорниот пораз во Букурешт, наместо да настане обединување на политичките сили околу државното раководство во градењето и носењето на тешки, но вистински, долгорочно единствено исправни одлуки, премиерот одбра жестока конфронтација. Отвори фронт со сите. Со претседателот на државата, со опозицијата, со партнерите во сопствената коалиција, со интелектуалната и експертска јавност. Опозицијата во тие моменти настапи мошне зрело. Патриотски, во вистинска смисла на зборот. Ја спаси од распад владата, даде поддршка на малцинската влада. Но, наместо да се вразуми, премиерот уште повеќе се хистеризираше. Се определи за еден крајно штетен , недржавнички чин. Наместо да ги искористи овие неколку клучни месеци да ги собере политичките сили околу себе градејќи национално и државно единство, тој се определи за долевање сол на Букурешката рана, за предвремени избори. Со тоа, стана дефинитивно јасно дека премиерот станува заробеник на една политика на самоизолација, на една за Македонија дефинитивно губитничка и деструктивна политика. Тој, со таа своја политика, во таа своја намера мора да биде спречен. Затоа настана ова собирање на различните политички сили во одбрана на клучните државни приоритети.
Како ги коментирате проценките дека владејачката коалиција е посупериорна во однос на Коалицијата Сонце ?
Дел како изборна пропаганда, а дел како отсуство на соодветна методологија за прецизна проценка на избирачкото расположение. Впрочем, токму пред една недела, на српскиот пример, видовте дека таквите проценки, дури кога се продуцирани и од најреномирани истражувачки институти, реално ништо не значат. Таму, во континуитет, дури и во текот на самата кампања имаше едногласни проценки дека радикалите се сигурни изборни победници, со убедлива предност од повеќе процентни поени. На денот на изборите се виде вистинската слика. Радикалите убедливо загубија, со речиси 30% заостанување зад тамошната европска коалиција. Сличен развој на настаните очекувам и кај нас. На први јуни ќе се покаже доминантното европско расположение на македонските граѓани.
Што Ве загрижува , а што Ве охрабрува пред овие избори ?
Најмногу ме загрижува подготвеноста на власта со брутални притисоци, заплашувања, очигледни злоупотреби, со манифестирање на сирова моќ да ги заплаши и пасивизира граѓаните. Она што ме охрабрува е силната европска и НАТО ориентација на луѓето, силната желба да не останеме изолирани која се чувствува кај убедливото мнозинство. Таа ориентација е присутна кај сите социјални слоеви, кај сите образовни нивоа. Нашите граѓани имаат јасна свест за приоритетите, многу појасна од конфузните власти.
Каква влада и , воопшто , какви политичари посакувате да добие Македонија по овие избори ?
На Македонија и е нужна една европска влада во вистинска смисла на зборот. Влада способна да ги решава, а не да бега од проблемите. На Македонија и требаат лидери кои кога ќе се најдат пред тежок предизвик, нема да се кријат, да бегаат од одговорноста, без храброст да донесат вистинска државничка одлука во најдобар интерес на граѓаните и на земјата. На Македонија не и требаат лидери кои не знаат да се изборат, лидери кои од страв го распуштаат парламентот и ја блокираат земјата без оглед на тешките и далекусежни последици кои ќе настанат од таквиот незрел чин.
По толку години поминати во политиката , што е тоа што мислите дека е пресудно важно да се направи за да работите тргнат во вистинска насока ? Што лично Вас ви недостига или што би сакале да видите како добар пример во нашата политика ?
Најмногу ми пречи тоа што со години наназад, а особено сега со ерата на Груевски повеќето политичари во своите постапки се водат од начелата на дневна популарност и опортунитет, а не од тешките реформи што треба да се направат за да се решат бројните проблеми. Македонија е држава што сериозно заостанува. Македонија мора да се модернизира. Мора многу бргу да се модернизира ако сака да опстане како перспективна држава. Чекорот веќе сериозно го губиме. Брза модернизација наспроти тивко и бавно државно и вкупно општествено одумирање, тоа е изборот пред кој сме исправени. Со ерата на Груевски до крај се вулгаризираат и банализираат политичките вредности. Целата работа на владата е фокусирана на продуцирање кампањи за се и сешто, кои кај гласачот треба да создадат илузија на постојана и посветена работа на владата. Тоа се познати, разработени методи уште од времето на наци пропагандата, се разбира, технолошки прилагодени и модернизирани. Тие се сеприсутни за да се надомести отсуството на резултати.
Како реагираат Вашите деца кога Ве гледаат во спотовите и митинзите во кампањата ? Има ли прашања кои Ви ги поставуваат деновиве ?
Да бидам искрен, деновиве многу ретко ги гледам. Единствено наутро, додека ја носам Јана на училиште и Стефан во градинка. Возејќи ги, заедно си ја пееме изборната песничка на Сонце. Многу им се допаѓа. Го знаат наизуст целиот текст и ревносно ме исправаат кога ќе згрешам некој збор. |