ИНТЕРВЈУ
„Сонце“ ќе ја врати Македонија на вистинскиот пат
Интервју во" Утрински Весник" со Јован Манасијевски, претседателот на ЛДП
17.05.2008

На овие избори македонскиот блок се подели на два сојуза: европски и патриотско-конзервативен. Колку е реална поделбата, постојат ли вистински несогласувања во однос на амбициите на ЕУ и НАТО, или ваквата поларизација многу повеќе се должи на една изборна реторика?

Постои многу сериозна разлика. Едниот блок е определен за брза интеграција, вториот што го предводи премиерот Никола Груевски води политика, која без разлика на нејзината реторика е насочена кон самоизолација на земјата. Груевски и повеќе негови коалициски партнери во изминатиот период изјавија дека времето на зачленување во НАТО и во ЕУ не е толку важно, дека имаме време да чекаме пет, десет, 15 години. Таквата определба е целосно погрешна. Тоа особено е опасно во контекст на брзите движења на другите соседни земји, како на пример Албанија и Србија. Времето во политиката, понекогаш е се'. Ако вие стоите, а другите околу вас одат напред, јазот се продлабочува. Консеквенциите на таа самоизолација политички се повеќе од јасни, но тоа дефинитивно ќе значи и економска стагнација. Тоа ќе отвори голема скепса кај странските инвеститори, страв кај домашните. Во една таква ситуација, јас не би ја исклучил и можноста и од безбедносни ризици од понизок интензитет, кои ќе создадат една лоша перцепција за Македонија. И како финале на сето тоа, ако победи оваа опција, очекувам дека Македонија од сегашната позиција - веднаш зад Хрватска, да биде преместена во последната европска лига, каде што ќе бидеме ние и Косово.

Го делите ли мислењето на експремиерот Владо Бучковски дека Македонија треба да се подготви за федерализација, доколку опозицијата ги изгуби изборите?

Како резултат на изолацијата, што ќе се јави дефинитивно, ќе се зголемат политичките тензии и разликите во перспективите и визијата за Македонија како заедничка држава меѓу албанската заедница и доминантниот македонски народ. Во што точно ќе резултира тоа, во моментот е многу тешко да се каже. Може да станеме членка на НАТО по 10 години, но тоа дефинитивно нема да биде оваа Македонија и ваква каква што ја знаеме, со своето политичко уредување како што го има денес.

Колку е реално ветувањето на коалицијата „Сонце“ - добивање покана за НАТО и датум за преговори со ЕУ за шест месеци?

Ние сме тука многу сериозни, самоуверени и убедени дека тоа навистина може да го сториме.

На што го темелите оптимизмот?

На нашата претходна работа. На тоа што во 2005 година, само за три години од доаѓањето на власт, од една држава која само што беше излезена од конфликт, успеавме да добиеме кандидатски статус. Тоа е неверојатно големо постигнување. И токму врз основа на тоа што заеднички го поминавме тој пат, можеме со сигурност да тврдиме дека сме способни да се избориме до крајот на годината Македонија да добие покана за НАТО, да ги започне преговорите со ЕУ и да бидат укинати визите.

Груевски се сомнева дека зад ова има некаков заговор, прашува која е цената на евентуалниот пакет?

Тоа прашање за цената многу повеќе говори за тоа како ментално функционира премиерот. Нема никаква цена, има само многу јасна свест за државните приоритети. Основниот проблем на господинот Груевски и на неговата коалиција е што тие имаат проблем да определат што е вистински приоритет.

Кампањата почна експлозивно со многу инциденти, има ли шанси да се поправи имиџот?

За жал, шансите се мали, бидејќи многу е битно како гледаме на инцидентите. Овие инциденти не се спонтан израз на тензиите и револтот меѓу партиските активисти на ДПА и на ДУИ, туку се проектирани. Тие се дел од една заедничка стратегија на ДПА и на ВМРО-ДПМНЕ, која е многу едноставна. Со овие континуирани оружени инциденти, со заплашувања, со разни закани да се внесе атмосфера на страв и несигурност кај опозициските, особено неопределените гласачи и тие да останат дома.

Лидерката на ДОМ, Лилјана Поповска, во „театралното симнување на вратоврската“ на конвенцијата во МНТ, препозна „повик за агресивна и насилна кампања“?

Ова дружење со Амди Бајрам и заедничкото гушкање по преродбеничките митинзи, за жал, и' ги намали критериумите на една фина госпоѓа, каква што е Лилјана Поповска. Така што, мислам дека изјавите од тој тип се глупости кои не заслужуваат коментар.

Зошто на кандидатските листи за овие избори има малку нови лица?

Политиката не е модна индустрија, па за секоја сезона да имате нови модели. Се работи по сосема други принципи. Сметам дека носителите на листите и кандидатите се внимателно одбрани врз основа на многу сериозни истражувања на теренот, прифатливоста во одредени средини. Тоа се луѓе кои имаат енергичност и минат труд, што говори дека тоа што го ветуваат на предизборните собири реално може да го реализираат.

Пред една година, веднаш по доаѓањето на лидерската позиција во ЛДП, најавивте соло настап за изборите. Зошто се премисливте?

Ние се подготвуваме и ќе настапевме самостојно на нормални, редовни избори. Груевски се определи на една многу хазардна игра. Наместо во оваа тешка ситуација да направи обид за обединување на сите политички сили во остварувањето на клучните приоритети - ЕУ и НАТО, тој се конфронтираше со сите: со претседателот на државата, со опозицијата, со партнерите во сопствената коалиција. Тоа дефинитивно покажа дека се работи за опасен човек, што е на чело на владата. Мислам дека обврска и одговорност на сите луѓе кои сериозно се занимаваат со политика, е да се спротивстават на таквата политика на премиерот. Така што, коалицијата „Сонце“настана спонтано, неа ја роди ситуацијата пред Букурешт, траорниот пораз и крајно неодговорното однесување на премиерот по самитот. Тоа е една коалиција од нужда, за враќање на Македонија на вистинскиот пат.

Како функционира „Сонце“, заедно сте со Тито Петковски, кој си замина од СДСМ, Стојан Андов, кој се раздружи од ЛДП, а двајцата беа партнери Владата на Груевски?

Во политичката практика многу ретко се случува предизборна коалиција да прават партии од власта и од опозицијата. Во оваа коалиција има две партии кои технички се' уште се дел од Владата, што е уникатна ситуација и говори дека имаме една вонредна, ненормална состојба во државата.

Можете ли да дадете некаква прогноза за изборите, како би изгледал распоредот на силите во парламентот?

Очекувам релативно тесна борба. Токму од работата на коалицијата „Сонце“ зависи каков ќе биде резултатот, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ има еден свој лимит што не може да го надмине. Серија изборни циклуси: локални, парламентарни или претседателски покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ не е способна сериозно да натфрли 300.000 гласа. Сега клучот е во успешното работење на опозицијата, треба добро ја изработиме кампањата, да успееме да ги мобилизираме луѓето, да ги убедиме дека изборите се многу значајни и да излезат на гласање.

Што би било за Вас пораз?

Доколку коалицијата „Сонце“ не го добие мандатот да формира влада, би било изборен пораз. Тоа е сосема јасно и околу тоа воопшто не треба да водиме дебата.

Ристо Пенов поради изборен пораз се повлече од функцијата, истото го стори Петар Гошев во 1999 година. Вие сте една година лидер на партијата, дали ќе понесете одговорност доколку не победите?

Прво треба да ги видиме резултатите. Јас очекувам тие да бидат тесни и нема да значат разврска на политичката криза во Македонија. Сите треба да се подготвиме за една политичка криза во траење. Бидејќи, во случај Груевски повторно да го добие мандатот, таа влада што ќе ја формира нема долго да трае.

Дали при таков епилог од изборите - тесен резултат - партиите не треба да го отворат прашањето за одговорност на раководството?

Во ЛДП е практика по секои избори да се анализира настапот на партијата и резултатот, да има извештај и, се разбира, одговорност. Бидејќи сега се работи за парламентарни избори, репер е освоениот број мандати.

Дали Манасиевски е подготвен да си замине доколку не го добие посакуваниот резултат ?

Да, доколку имаме полош резултат од оној во 2006 година.


 

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------