КОЛУМНА
Непромисленост, неспособност или...
Благој Голомеов
05.05.2008

 

Кога Премиерот Груевски ја прифати иницијативата на Дуи за предвремени   парламентарни избори не можев да се изначудам. Како е можно! Во услови кога времето не гази а пред нас стојат неколку суштествени обврски кои треба да ги исполниме, да преземеме уште една огромна обврска, за мене, во овој момент скоро неостварлива, да организираме фер и демократски избори. Во услови кога никој тоа од нас не го бараше. Напротив. Имајќи го предвид фактот дека последните парламентарни избори, со огромна наклонетост на меѓународната заедница и со дебело прогледување низ прсти, едвај беа оценети за фер и демократски, прашањето Зарем ова не е обид за минирање на целокупната евроатланска агенда на Република Македонија?, сосема логично се наметнува со сета своја жестина. Просто несфатливо. Не требаше да мине долго време, потврдата на ваквото размислување веднаш стигна. Далеку пред званичното отпочнување на кампањата, до израз дојде огромниот антагонизам кој владее помeѓу двете најголеми партии во албанскиот политички блок. Деновиве сведоци сме на интензивното загревање на изборните штабови на ДУИ и ДПА за претстојната изборна кампања, со примена на сите “ демократски средств a” (бомби кашикари, пиштоли, автоматско оружје и т.н.). Што се можеме да очекуваме во изборната кампања, со огромен скептицизам можеме само да замислиме. Со добивање на негативна оцена по основниот испит од демократија, соочени сме со реална опасност, во ветер да отидат сите наши евроатлански аспирации. Со лошо организирани избори, а не верувам дека постои некој жив кој е оптимист во тој поглед, ризикуваме да бидеме вратени назад десетина години, да бидеме претворени во гето на Западен Балкан. Кој ќе ја понесе одговорноста во таков случај? Кој воопшто има право земјата да ја става во ваков ризик? Во името на што? За чии интереси? Ваквите потези, кои се анахрони со моментот во кој се наоѓа нашата држава, никако не можат да бидат резултат на наводната потребата за консултирање на народот во однос на битните прашања кои стојат пред нас, пред се, прашањето кое се однеува на спорот со јужниот сосед. Исто така, не може да биде резултат на потребата да му се овозможи на секој граѓанин основното демократско право, правото на избор, како што тоа сака да го претстави премиерот Груевски. Ваквите потези можат да бидат единствено резултат на неговата неспособност или недоволен капацитет да се соочи со моментот кој, од секој аспект, е историски за Република Македонија. Ова во секој случај треба да го имаат предвид граѓаните на 1 ви јуни.

 

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------