
Веќе неколку месеци на прашањето во врска со двоцифрената инфлација го слушаме истиот одговор: „Владата будно ја следи состојбата и ќе преземе соодветни мерки“. Но, мерките никако да ги видиме. Наспроти тоа, инфлацијата расте, негативниот надворешен трговски дефицит се дуплира, расте каматата на благајничките записи, а тоа ќе повлече пораст на каматите на кредитите. Македонија ги има првите знаци на нарушување на макроекономската стабилност - она за што секогаш добивавме позитивни оцени од меѓународните политички и финансиски институции.
Само да се потсетиме. Во периодот 1998-2002 година, каматата на благајничките записи достигна 18 отсто. Владата на СДСМ и на ЛДП во периодот 2002-2006 година, со економската политика што ја водеше, успеа да ги намали на 5 отсто (во соработка со НБМ). На прв поглед, за обичниот граѓанин можеби тоа ништо не значи, но тоа ќе го почувствува деновиве, со порастот на каматите на банкарските кредити и задолжувањата со кредитните картички. Тоа директно ќе влијае врз зголемување на каматите на потрошувачките кредити, но и на зголемување на трошоците на стопанството по основ на кредитирање. Таквата состојба сигурно ќе има директен одраз на домашните инвестиции, а странските и онака ги нема.
Своевремено ЛДП имаше кампања„Стоп за сиромаштијата“, која содржеше низа мерки за заштита на животниот стандард на населението. Сега повеќе од јасно е дека новата влада треба уште првиот ден да предложи антиинфлациска програма. Тоа мора да биде програма која во основа ќе има за цел заштита на животниот стандард на населението и вистинско даночно растоварување на стопанството.
Покрај мерките што ги презема централната банка, владата мора да преземе мерки кои се во нејзина надлежност. Така, мора да се направи ребаланс на буџетот и да се изврши нова прераспределба на расходите. При тоа драстично треба да се намалат таканаречени нерационални трошоци (рекламирања, задолжувања во странство за спортски сали итн). Ако на време не се преземат соодветните мерки, повторно ќе бидеме сведоци на високи каматни стапки, дезинвестициски период, низок животен стандард, а најмалку ќе биде важно кој е виновен за тоа.