Европската идеја незапирливо се шири и се прифаќа во последниве неколку години и на Балканот. Силен индикатор се и последните парламентарни избори кај северниот сосед. Сосема спротивно на многубројните испитувања на јавното мислење, граѓаните се изјаснија за европската опција и за европската иднина. Ова покажува дека во регионот, освен за европската иднина, не постои друга алтернатива. Ако е така, зошто тогаш да не очекуваме дека по истиот урнек и граѓаните на Република Македонија, спротивно на сите анкети, силно ќе ја поддржат европската перспектива и брзата интеграција во НАТО и во ЕУ.
По добивањето на кандидатскиот статус во декември 2005 година, за жал, процесите на евроатлантските интеграции во Република Македонија се сериозно забавени. Две години не се случува ништо значајно. Нема датум за преговори, нема укинување на визите и нема покана за влез во НАТО. За овој застој, тоа барем треба на секому да му биде јасно, по дефиниција е одговорна актуелната власт. Иако постојат земји кои се членки на Унијата, а не се членки на НАТО и обратно, земји кои се членки на НАТО, а не и на Унијата, тоа се сепак исклучоци што го потврдуваат правилото, дека за земјите од поранешниот еднопартиски систем, европските и атлантските интеграции се нераскинливо поврзани.
За Република Македонија патот кон Унијата едноставно нема никаква алтернатива. Но, тој пат мора да биде брз и не може да се утешуваме дека кога тогаш и ние ќе бидеме дел од големото европско семејство, затоа што другите нема да не чекаат, одат со крупни чекори кон ЕУ. Спротивниот концепт е концепт на изолација. Унијата е базирана врз принципите на кохезија и солидарност, кои овозможуваат средства за севкупен развој и намалување на развојните разлики меѓу земјите-членки. Ова значи дека нашата брза интеграција ќе претпостави користење големи средства од Унијата и нови странски инвестиции. Се друго е континуирана стагнација и самоизолација. Како пример да ја погледнеме Бугарија. Таа по добивањето статус на полноправна членка на НАТО и на ЕУ, покажува голем економски прогрес. За другите примери и да не зборуваме. Помладите генерации не се сеќаваат какви беа Грција, Шпанија и Португалија пред да влезат во ЕУ и каков економски прогрес имаат оттогаш, па до денес. Ете тоа е Европска Унија и затоа ни е потребна овде и сега.