КОЛУМНА
Опасната мисла на Груевски
Драган Малиновски
14.05.2008

Јавната промоција на листите на кандидати на политичките партии и нивните коалиции за претстојните парламентарни избори беше можност да се слушнат визиите на нивните лидери за иднината на Република Македонија. Сумирањето на впечатоците од таа прва предизборна фаза само ги потврди претпоставките дека граѓаните на Македонија на претстојните избори ќе се соочат со две суштински спротивставени опции.
Првата, на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која нуди некаква магловита национална преродба, базирана на лажен патриотизам и невидена популистичка кампања и втората, на „Сонце - коалиција за Европа“, со јасно дефиниран концепт за остварување на стратегиската цел на Република Македонија - членство во НАТО и во ЕУ, со зачувувањето на националниот идентитет. Некои велат дека во предизборна еуфорија се пласираат секакви тези и дека не треба се да се сфаќа сериозно. Но, дали е така? Во напливот страсти и емоции воопшто не ме изненади, но затоа сериозно ме загрижи пораката на лидерот на ДПМНЕ дека тој посакува по први јуни неговата коалиција да има неприкосновено мнозинство во парламентот, но што е уште позначајно - никој од опозицијата да не доаѓа на седниците на Собранието!!!?
Убеден сум дека ваквата мисла на г-дин Груевски не е никаков лапсус, ниту пак е случајно кажана на отворена сцена. Таа е плод на тенденцијата на актуелната власт во Република Македонија да се замолкне секаква критика насочена кон неа. Граѓаните веќе одамна се наполно контаминирани од владината медиумска кампања, невладиниот сектор е целосно маргинализиран, а независните регулаторни тела не можеме да ги препознаеме. Во еден ваков изместен политички амбиент повикот за замолкнување на парламентот е најжестокиот удар на демократијата во Република Македонија од нејзиното осамостојување. Како поинаку да се толкува концептот на г-дин Груевски, кој идниот македонски парламент го посакува како аморфна маса, која без поговор ќе ги верификува сите негови (владини) политики. Таквиот концепт во суштина значи повик до граѓаните на Македонија на 1 јуни да гласаат не за избор на парламент, како најзначајна демократска институција, туку за негово разнебитување. Македонија тоа нема да го дозволи.


 

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------