КОЛУМНА
VLADANARM - OSTVARUVAME
Панче Ангелов
15.05.2008

Ти си Македонија. Еве вака почитувани, ќе го започнам текстот за оние кои треба да гласаат на 1 јуни оваа година. Се разбира не ги заборавам и оние кои неможат да гласаат, а сепак, се Македонија. Да токму така. Ти си Македонија, но и јас сум Македонија и тој е Македонија, и ние сме Македонија …

Изгледа проценката на некои во нашава земја е дека интелигенцијата на овој народ е толку мала, па веројатно целиот народ мисли дека е од Авганистан и сега треба национално да се осознаеме. Незнам дека јас сум она што сум и сега владата треба да ме потсетува што сум. Можеби по изборите, доколку остане оваа структура на власт, ќе се лансира некоја нова кампања како на пример “Ти си Авганистанец” или може би “Ти си Талибанец”, и многу веројатно во блиска или далечна иднина “Ти си благонадежен ....” (ова го оставам на имагинацијата на читателите).

Е сега кога дознавме сите дека Ние сме Македонија, нели треба да живееме понатаму. Значи треба да се образуваме, да се жениме/мажиме па ни треба и трето дете. Уф, сега ептен владата ме стави во дилема: Дали да правам трето дете или да се образувам?

Не, решив ќе одам до мојот компјутер кој сам си го купив без владата да ми даде ваучер да посурфам малку на интернет да видам дали можам да ја решам оваа дилема. И ми текнува Владата имаше бесплатен пристап на интернет, кога веќе ми кажа што сум, можеби ќе ми ја реши дилемата. Вклучувам Dial up и пишувам vladanarm корисник и ostvaruvame лозинка и чекам. Ми пишува connecting и чекам ... и чекам….и серверот е зафатен, и се обидувам повторно .. и повторно ... и повторно, но РЕЗУЛТАТИ (СЕГА) нема.

Се обидувам одново и повторно постапка vladanarm-ostvaruvame, резултат пак нема, не се поврзувам со светот. Решив, одам да си легнам, наутро мислите се побистри.

И така компјутерот цела ноќ се обидувал да се работи нешто да се конектира, нели како што нашава влада која деноноќно работеше, но наутро што да видам вели error connecting.

Утрото на крај ми доаѓа една мисла од реклама, која не е платена со народни пари, и која вели “Смени го провајдерот”, а јас ви велам change the government “Смени ја владата” .
------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------