Најпрво за мизансценот, почитувани. Познат член на ВМРО-ДПМНЕ, кој ја претставуваше Македонија во САД како конзул во Њујорк и кој денеска е директор на библиотеката што го носи името на браќата Миладиновци, учествуваше во емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов, посветена на грчкото вето во Букурешт и на изборот на Груевски, ДУИ и ДПА да се оди на предвремени избори токму сега. Дотичниот елаборираше за сегашноста и за иднината на Република Македонија, но не му беше многу важно тоа што го зборува. Важно му беше гледачите да го видат и запаметат мизансценот: слика на Тодор Александров во природна големина, во бугарска генералска униформа, а ликот прикриен со знамето на Александар Македонски. Прикриен, но препознатлив. Значи, пораката е: знамето од Кутлеш служи за мавтање и за прикривање. Поентата е Тодор Александров и проблематизирањето на македонскиот национален идентитет. Какво фрапантно совпаѓање со некои од најекстремните ставови во Грција!.
А сега, за клиничките болници, почитувани. Владата, под патронат на Груевски и Селмани, објави дека на регионалната општа болница во Тетово и на клиничката болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје им е доделен, „согласно законот“ (сиц!), статус на клиничка болница. Градската клиничка хируршка болница, како и во случајот со знамето, е употребена за размавтување и за прикривање! Таа и досега има неспорен статус на клиничка болница - ги исполнува законските услови и е наставна база на Медицинскиот факултет во Скопје. И овде поентата е да се создаде експресен медицински факултет во Тетово и да се разнебитат едукативните медицински стандарди во Македонија и нејзиниот здравствен систем.
А универзитетскиот клинички центар на Медицинскиот факултет во Скопје, почитувани? Тој не постои. Укинат е од Груевски и од Селмани. Барем ним така им се чини, „согласно законот“ (сиц!). Сега ви е јасно како владата во оставка, која две години ни продава за скапи пари потемкинови села, ќе отвори 26 нови факултети и тоа до септември!? Просто така, со потег на перото! „Јер тако треба!“, што би рекол покојниот Милошевиќ. А тоа што со потег на перото се девалвира целокупниот високо образовен систем и медицинските додипломски, постдипломски и докторски студии не ги засега Груевски и Селмани - токму во тоа е и поентата! Со такви клинички случаи и случувања си имаме работа сите ние, почитувани.
Е па, нема да им помине!