Онаа ноќ кога пратениците дебатираа за самораспуштање, Груевски во жарот на занесот од извојуваната победа над парламентот (читај, победа над демократијата во Македонија), победоносно воскликна: Ќе расчистам со парламентот. Со ова го достигна врвот на неговото автократско, тоталитарно владеење инспириран од големиот диктатор Адолф Хитлер, кој во ноќта на 27.2.1933 година на оригинален начин расчисти со демократијата, палејќи го германскиот Рајхстаг.
Навистина, ќе речете и предвремените избори се дел од демократијата. Но, недолично е што овојпат, самораспуштањето немаше ниту допирна точка со демократијата туку беше резултат на притисокот на Груевски врз своите пратеници, кои патем во истото интервју ги нарече „овци“. Необјасниво е што распуштањето ни се случи во најчувствителниот и во најлошо избраниот момент за Македонија, момент на одлуки и реформи. Од тука ми се наметнува прашањето: Зошто на Груевски толку многу му се брзаше „да расчисти со парламентот“ што дури и не размисли да ги прифати амандманите на ЛДП, со кои се бараше одлагање на изборите за два односно четири месеци. Дали Груевски сакаше:
- Да избега од одговорноста во моментите кога требаше да донесе клучни одлуки за евроатлантската иднина на Македонија.
- Да избега од одговорноста да им погледне на граѓаните во очи и да им објасни зошто од ден на ден живеат се полошо и наместо висок стандард имаат високи цени на храната, парното, водата...
- Или да си остави простор во овие два месеца да ги реализира сите свои незаконски замисли: вработување партиски војници и блиски роднини на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, незаконски јавни набавки, формирање клинички центри... Предвремените избори, осиромашениот народ ќе го чинат 4 милиони евра и уште толку народни пари ВМРО ДПМНЕ ќе потроши за саморекламирање и за купување гласови. Но, барем во едно сме сигурни: дека нема да троши за печатење нова програма зашто „преродба во 100 чекори“ остана во целост нереализирана.
Наместо „да расчистува со парламентот“ на Груевски ќе му беше подобро да расчисти со себеси и да сфати дека граѓаните за европска, просперитетна, современа Македонија, а не за негов балкански вилает, во кој ќе шетаат сеништата од минатото.
|