КОЛУМНА
Европа-животна средина- Македонија
Зоран Шапуриќ
23.04.2008

Стекнување полноправно членство во ЕУ во крајна линија е одлука од политички карактер. Затоа, таквата одлука зависи од политичките критериуми, како што се владеење на правото, правната држава, почитувањето на човековите права, функционирање на институциите итн. Но, постојат и други важни области каде што треба да се оствари сериозен напредок за да се надеваме на влез во Унијата.
Успешната имплементација на Охридскиот договор, како еден од главните услови за стекнување на кандидатскиот статус на Македонија, донекаде ги „засени“ останатите области каде беше постигнат значителен напредок, а во кои несомнено припаѓа и областа на животната средина и тоа пред се во транспонирање на европското законодавство во националната легислатива.
Но, тоа беше во веќе далечната 2005 година. Сега, три години подоцна, се повеќе се бара практичната имплементација на нормативата, за што се потребни значителни средства, кои идната влада мора да ги обезбеди. На прв поглед тоа изгледа тешко, но не и нереално ако се исполнат неколку услови. Од јули 2005 година во сила е новиот Закон за животна средина, во кој се предвидени бројни еколошки такси, навистина симболични, но за почеток доволни. За жал, само незначителен дел од овие собрани давачки повторно се инвестираат во проекти во животната средина, а поголемиот дел оди во буџетскиот куп, од кој се пренасочуваат во други области. Со тоа не само што се постапува спротивно на законот, туку и во однос на бројните директиви на ЕУ.
Пред 12 години, Македонија беше една од првите транзициски земји, која востанови посебен еколошки фонд. За жал, тој подоцна беше укинат. Зад зголемувањето на овие средства не е доволно да застане само надлежниот ресор, туку и целата влада. Една од првите инвестиции мора да биде во областа на отпадот. Не можеме да одиме во Европа со купишта смет, кој не се собира соодветно, но и да не е така, тој нема каде да се депонира. Кај нас постои само една современа депонија, чии капацитети се веќе при крај. Затоа, итно мора да се пристапи кон изградба на 6-7 регионални депонии каде што на современ начин ќе се депонира отпадот, а не да се лута по парцијални решенија. Идната влада за почеток ќе мора најмалку за десет пати да ги зголеми буџетските средства за еколошките инвестиции, доколку сака сериозно да се приближиме кон ЕУ. Нереално е да се зборува за собирање на отпадот ако не постојат места за негово складирање. Еколошките инвестиции немаат краткорочен популистички ефект, но со нив се инвестира во иднината и идните генерации.

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------