КОЛУМНА
Чешки краставици
Стевчо Јакимовски

24.04.2008

Мегданот повторно се отвори. Иако економската битка, поточно во нашиов случај битката за преживување, е одамна отворена, деновиве копјата во предворјето на изборите ги вкрстија опозицијата и власта. Опозицијата обвинува дека виновникот за поскапување на цените на основните животни намирници е Владата и никој друг. Партијата на власт, со сета своја креативност, умешност и самокритичност, се брани дека причина за овие енормни поскапувања е порастот на цената на нафтата на светскиот пазар и минатогодишната суша што ја зафати цела Европа. Но, во целава мешаница убаво е да зборуваме со аргументи. Ова ни е потребно, не за да утврдиме кој е во право, туку, веројатно, да извлечеме поука за натаму да не дозволиме изговор за нашата неспособност биде „ситната роса“ туку оној што ја води или досега ја водеше државата да не дреме туку да презема правилни и навремени мерки, зошто овој проблем ни најмалку не е за потценување. После сите реторики, преписки, надмудрувања, конечно ќе мораме да седнеме и да видиме што има „на софрата“, што би рекол народот. Компаративната анализа на дваесетина прехранбени артикли како што се: млекото, брашното, шеќерот, маслото за јадење, месото, доматите, краставиците и други производи покажуваат дека наводните глобални негативни влијанија немале таков одраз врз економиите на другите земји како што е тоа случај со Македонија. Компарацијата покажа дека цените на овие животни намирници во Чешка или, пак, во Словачка (тоа се земји многу блиски на премиерот Груевски и неговите роднини и емотивно и деловно, што значи длабоко економски инкорпорирани во нив) се за 61,7 процент пониски од Македонија. Се поставува прашањето дали и таму имаше суша и дали и овие луѓе ја користат нафтата како погонско гориво? Зошто кај нив негативните ефекти не се толку големи? Разликата е што таму има одговорна, а кај нас - неодговорна влада. Згора на тоа надуена и отуѓена. Таму премиер е Мирек, а овде Никола. Овој нашиов се слуша, се гледа и си верува само себеси. За себе и постои. Зашто, ако се сеќавате, уште во октомври говоревме дека ќе дојдеме на ова дереџе. Но, човек со глава во облаци никого не слуша. Тој како и претставниците на владата, на парламентарниот состав, и кој се не од ВМРО-ДПМНЕ, повторуваа како папагали „ние даваме стимулации, ние даваме стимулации“. Едно е да се даваат стимулации, а друго е да се води правилна економска политика. Целата економска политика не лежи во стимулациите, а впрочем тоа го покажуваат и фактите. Чешкиот граѓанин во април јаде домати за 60 денари, а македонскиот (внимавајте Македонија е земјата каде што се произведува доматот) за 120 денари. Млекото таму е 24 денари, а кај нас 49 денари. Краставицата во Чешка е 25 денари, а во Македонија 60 денари. Давањето стимулации значи на земјоделците да им го направи порентабилно производството, а граѓаните да јадат поевтини прехранбени артикли. Овде е обратно. Ем даваме енормни стимулации, ем цените се драстично повисоки во однос на други земји. Та, нели претходната влада давала 8,5 милиони евра стимулации во земјоделството, а оваа, добрата, влада која, демек, мисли само на економијата дава дури 45 милиони евра. Каде им се ефектите? Каде се сега стимулациите? Кој е овде луд, а кој е збунет? Да не ги дава Груевски за Чешка, а ние да не знаеме? Сепак, нешто однатре го влече понасевер... Нема логика, со вака големи стимулации, да имаме толку скапа храна. Има два можни одговори. Првиот е дека стимулациите се дадени на погрешни места, а вториот одговор е дека голем дел од овие пари се украдени и поделени на партиските војници. Трет одговор нема! Затоа во емисијата „Фармер“ наместо испиени и од ветар потемнети лица на земјоделци ќе видите манекенски типчиња со скапа гардероба и бесни фризури, оти, очигледно, вошката од државната каса ги почешала. Всушност, не е Владата крива што „нивните примероци на фармери“ наместо во земјоделска аптека по семенски материјал завршиле во продавниците на Хуго бос и Бициани. На први ноември 2002 година, кога СДСМ дојде на власт, цената на нафтата на светскиот пазар беше 24 долари за еден барел. На први септември 2006 година, кога ВМРО -ДПМНЕ се врати на власт, цената на нафтата беше 71,3 долари за еден барел. Значи во меѓувреме (во периодот на владеењето на сегашната опозиција) нафтата ја зголемила својата цена 300 проценти. Но, немаше вакви поскапување во земјата и влошување на животниот стандард. Тогаш имавме друга, одговорна влада, а денес имаме само фалбаџии. Она што важеше за сликата однадвор и правдање пред светот, сега се рефлектира и внатре. Па, тоа е виртуелен ум! Се што е убаво, накитено, надуено со рејтинг и со хвалоспеви е заслуга на Владата, а се што не чини, се разбира е дело на натприродни сили, меѓународната заедница, внатрешен непријател (опозиција) , надворешни фактори, НАТО, ЕУ, Грција, големи светски заговори. За време на двегодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, од први септември 2006 година до денеска, цената на нафтата на светскиот пазар за еден барел е покачена од 71,3 долари на 103 долари (ова е официјален податок објавен со одлука на регулаторната комисија од 14. 4 2008 година), што е поскапување од 44,4 проценти. Ако на ова го додадеме и фактот дека тогаш доларот бил 47,71 денар, а денес 38,54 денари, значи за еден барел нафта на 01. 9 2006 година, плаќавме 3.401 денар, а денес 3.969 денари. Кој разбира математика јасно му е како ден. Кутрата и намачена влада на ВМРО-ДПМНЕ плаќа само 16,7 проценти повисока цена на нафтата, а претходната влада плаќала дури 300 проценти повисока цена. Ако се има предвид дека Македонија има просечно многу пониска цена на електричната енергија во однос на соседите и на Европа, тогаш е јасно дека овој негативен ефект од покачувањето на нафтата се неутрализира со ниската цена на електричната енергија која исто така е битен трошок во цената по единица производ. И замислете, таа влада била неспособна, а оваа била многу способна. Ова јасно укажува кого го бива, а кого не го бива. Таа влада можеби не им ставаше, но не им ни вадеше пари од џебот на граѓаните. Оваа влада, всушност, две години и не ја извади раката од џебот на народот. Зголемува пензии 12 проценти, а потоа и цени за 40 проценти. Разликата меѓу едните и другите е што претходната влада се обидуваше да управува со државата и со институциите, а оваа сега сака да управува со народот. За жал, на сегашната влада и успева управувањето со народот преку опиумот наречен медиуми и рекламни кампањи. Ова во Европа е веќе видено, еднаш во Германија, вторпат во Србија, а сигурно третиот пример ќе биде Македонија. Резултатите ќе бидат погубни за нацијата. Опиумот сега прави задоволство, ама сметката, за жал, пристигнува. Ако не сега, во многу скоро време. Овој премиер тргува со одложено плаќање. Денес земаш, утре плаќаш и потоа офкаш...

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------