КОЛУМНА
Избраниот
Владимир Петрушевски

29.04.2008

Неспособните не се толку неспособни! Потполно се способни да ги онеспособат способните!

Влада Булатовиќ – ВИБ  

Студиите ги завршив на УКИМ. Одамна. Знаев (и знаевме) дека има и подобри универзитети на светот. Не ни паѓаше на ум да играме глупави игри од типот на „зелено грозје“ (демек, не чини на Харвард и на Ломоносов, Оксфорд и Кембриџ се жива провинција, златен УКИМ си е најдобар), можеби и затоа што бевме свесни дека луѓето не се идиоти. Со извесни проблеми, УКИМ си живееше некако.

      Дојде друго време. Плуралистичко. Оазата доби еден куп партии, а ние добивавме власти и премиери саде по мерка! УКИМ сега живуркаше, зашто имаше големи потреби што некои не беа спремни да ги задоволат. Аксиј си течеше, Хелиј изгреваше и заоѓаше секој ден и сивилото траеше. А тоа пусто сивило, многу им пречеше на УКИМ-џиите, па везден нешто мрмореа. Некои од нив...

      Мина време и дојдоа нови, свежи сили, со нивниот млад водач. Избран! Е, не завршил на УКИМ де, ама има сколии. Гледаше од високо на работите, размислувајќи како најдобро да ги прекрои. Како вистински терзија, се разбираше асли во сè.

      Мислеше Избраниот, мислеше... Сколиите се (тоа, ете, му беше јасно) важна работа. Ама не се сите еднакво важни, а не се ниту еднакво квалитетни. Еве, да речеме, тој никаков УКИМ: ако беше чинел и тој самиот ќе студираше таму!

      –  Овој жабжак мора да се менува! – извика Избраниот, а неговите најблиски соработници (меѓу нив беше и Расипаното Огледало На Маќеата На Снежана) кои секогаш најискрено му го кажуваа она што тој жедно сакаше да го чуе, заплескаа со рацете од одушевување.

      Смисли Избраниот како да почне. Отвори нов државен универзитет... Па уште еден... Па почна низ Оазата да отвора нови факултети – факултети што веќе постојат на УКИМ и функционираат добро. За пуста беља, на некои од нив има малку студенти. Е, токму затоа и мора да се дуплираат. Така ми ти се развивала конкуренцијата! Во борбата за конкуренција и квалитет, со стариот отслужен кадар се справи по проверен јапонски рецепт. И не мина многу време...

      Аксиј и натаму си тече, Хелиј изгрева и заоѓа секој ден, ама во Оазата и на УКИМ е сè различно. Што е право, сивилото исчезна. Го заменија со црнило! И интересно, на УКИМ-џиите (ама и на другите) ова како да не им пречи. Или им пречи, ама си мислат: „Ќути-трај, море, да не му текне пак да прекројува!“. 

Архидемократос Героелефтеридис

(алиас Владимир М. Петрушевски) 

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------