Ја преродуваа две години Македонија, почитувани....
Ја преродуваа ждреци во портокалови обредни фустани, со метании и темјан но и со идолски пропагандистички гнасотии од старите погански времиња.
Богами и со поновите гебелсовски изуми и со најновите изуми на P.R спин докторите. И по две години не можеа да ја преродат, се појави само наказната глава на она што сакаа да ни го продадат како преродена Македонија. Тератолозите веднаш препознаа дека се работи за аненцефалична грдотија, осудена да го помине својот краток век во азил, изолирана од светот а не за убавата Македонија. А ги беа припремиле пелените на Тодор Александров и Ванчо Михајлов, за да ја повијат брзо брзо, зошто како и сите недоносени накази требаше да се роди портокалова и неотпрона да се соочи со светот.
Арно ама, граѓаните вртат глава и од портокаловата грдотија и од пелените. Та така почитувани, на сите нас, не ни останува ништо друго освен да им покажеме на портокаловиве ждреци, на први јуни, дека Македонија е родена од дамнина и дека не и се потребни ждреци во портокалово, да ја преродуваат наказно. Таа сама, како феникс, се раѓа од сопствената пепел. Се раѓа секогаш поубава и поубава, како Персефона кога се враќа од подземниот свет на светлоста на СОНЦЕТО.
Така, одново се роди во времето на Самоила, пак се роди на Илинден 1903, и пак се роди на Илинден 1944 на АСНОМ. Одново се роди на 8 септември 1991.
Сега е осумнаесет годишна убавица која сака да облече ЕВРОПСКА РУБА.
И не го сака тоа од помодарство. Сака да патува БЕЗ ВИЗИ по врвиците на Александар, БЕЗ ВИЗИ по апостолските патеки на Св.Кирил и Методија.
Сака да оди
БЕЗ ВИЗИ во Варшава , Прага , Братислава , во Моравија. Преку Келн , Брисел , Стразбург и Виена , преку Љубљана и Загреб, преку Венеција и Милано право во Рим. И од таму во Охрид, македонскиот Ерусалим, градот на Св.Климента. По патеките на Владимировото евангелие сака,
ЕВРОПСКИ ОБЛЕЧЕНА, насмеана и самосвесна да оди во Киев и Москва. Сака по патеките на дедовците печалбари, дедовците градители на новите прекуокеански демократии, во
ЕВРОПСКО РУВО, да стаса во Њу Јорк и Питсбург, во Мелбурн и Сиднеј, во Торонто и Монтреал. И да има каде да се врати - на местото на своето древно раѓање. На
МАКЕДОНСКАТА ЗЕМЈА , местото каде во дамнини е родена нејзината прабаба
- ЕВРОПА.