“It's all about the economy! ” (Се е во економијата!) - само дел од кампањата со која Џорџ Буш го доби својот втор мандат на минатите избори. Истото го велеше и македонската коалиција за преродба, но далеку е од ова приказна. Единство нешто што научиле од економија е рекламирањето. А јасно е дека лошиот производ само еднаш се купува!
Таа коалиција понуди програмата за преродба, со конкретни датуми. Основата на оваа програма беше економска, но граѓаните не видоа ни денар во своите џебови од ваквата спроведената програма, туку напротив од ден на ден нивните џебови стануваат се попразни. Деновите минуваа, роковите поминуваа, а проектот преродба се прероди во катастрофална економска политика во државава. Едно мало потсетување на изборите за градоначалник на град Скопје и ефтината финта со резултати сега, а во изминатите безмалку четири години сите ги видовме резултатите на препороденото Скопје и резултатите од портокал тетратката.
Прв услов за да некој вложи во нашава земја е стабилен политички систем. За малку НАТО самитот ќе ја срушеше берзата. Наместо зголемени приходи и отварање нови работни места, поради нестабилноста на политичкиот систем креиран од оваа Влада, акции на компаниите драстично паѓаат на берзата. Загуби и за фирмите и за граѓаните.
Од друга страна, нема развој ако најпрво домашните инвеститори не се сигурни за својата инвестиција. Нема да имаме напредок ако за еден спор треба со години да чекате во судовите. Можете да регистирате фирма за 2 часа, а за да почнете со работа ќе ви треба една деценија да ги поминете сите бирократски шалтери. Е тоа, драги мои ви е регулаторна гилотина на Владата.
А како Владата ја подразбира економијата ќе ви дадам еден пример. Ако цената на еден производ е 100 денари и ако тој се зголеми за 50 %, дали цената е иста? Не е иста, нели? Цената е 150 денари, а не 100 денари. Но, за Владата е иста. Џабе се сите рекламите на Владата. Џабе им се сите зборови со кои од “петни жили” се трудат да не убедат дека денес е подобро. Џабе е, зашто џебовите на граѓаните сега се попразни.
Е па драги мои сограѓани, пред фактите и боговите молчат. А факт е дека на први јуни Вие ќе гласате. А пред да гласате, сетете се на поскапени производи, на млекото, месото, лебот, зејтинот, бензинот. Само сетете се!
И не заборавајте, сите сме за НАТО и ЕУ, но со проширена и надградена преродба се плашам дека ќе бидеме и голи и боси и гладни и безимени! Излезот е во економијата, а не во преродбата.