
„ Ракот е апсолутен раритет во животинскиот свет, зашто се движи одејќи – наназад! Ама тоа, самото по себе, не е причина да го сметаме за идеал и пример што треба да се следи. “
Архидемократос Героелефтеридис
Во мајчиниот јазик на мајка ми има една поговорка: „ Ко о чему – баба о уштипцима! “. Е, сега, за уштипци нема да стане збор, зашто и родот и годините не ми се по мерка на поговорката, ама... јас, сепак, уште малку за „сколиите наши насушни“.
Кога човек ќе помине речиси ¾ од теорискиот работен век во образованието, природно е да му пречат многу работи. Пречат работи кои не се направени (а можело да се направат); работи кои можело да не се направат, ама за промена – ги направиле; страотно пречат работите што не смеело ниту на сон да се направат (а и нив ги направиле); пречи манијакалното брзање при тоа (како брзината да е мерка за квалитет).
Сега, конкретно и по ред: што тоа изнаправија Избраниците на Избраниот?
Прво, воведоа деветолетка. Ова самото по себе воопшто не мора да биде лошо, кога би било добро обмислено ; кога би дошло како резултат на тимска работа на врвни специјалисти од повеќе области ; кога не би било на брзина ; кога би било следено со внимателно кроење на наставните планови и програми ; кога би било поткрепено со работа врз учебници и учебни помагала... Ама, за жал, не е! Да... тука е и веронауката, како посебен бисер балкански (во основното образование, се разбира).
Второ, воведоа задолжително средно образование. Основното не можеше да се направи de facto задолжително за сите (нешто повеќе од 10 % запишани основци не го завршуваа), ама еве го средното ќе биде. Како ќе биде средното ако основното не профункционира никогаш до крај како задолжително, знаат само тие. Како ќе ги тераме завршените основци да се запишуваат во средни училишта што не им се по ќеиф, знаат само тие (а ќе ги тераме, очигледно, зашто нема доволно места во гимназии, средно-медицински и средно-економски училишта). Како ќе се справиме со неизбежното паѓање на и онака ниските критериуми при оценувањето, знаат само тие. Како...? Како...? Како...? Тие знаат сè. Или, можеби и не знаат? Ама пет-пари не даваат!
Трето, изнаотворија едночудо нови факултети и универзитети. „за да имало конкуренција“. Море, мајката! Ние, троа-постарите, помниме еден период на „реформа на Универзитетот“, па потоа и период на рационализација (ретрограден во однос на првиот). Само чекам кога ќе дојде новиот период на рационализација, па да видам како некој (односно Некој) во сласт ќе почне да затвора факултети (на еден Универзитет што му е трн во окото), зашто „нивното опстојување веќе нема да биде рентабилно, според економски критериуми“. Можеби тогаш на некои ќе им се отворат очите? Е да, ама тогаш ќе биде доцна. In the meantime, ќе го следиме ракот!!!
Ех, да си седеа мадро... ќе останеа философи! Ама, пустите аналфабети и талентирани „мајстор-квариши“ не го читале Сократ... А и инаку не читаат, де! Да беа читале, не ќе беа на ова дереџе. А и ние со нив и од нив.
Патем, еве ни можност за поправка: први јуни е за некој ден.