Демократско е правото на предвремени избори, а демократско ли е постојаното, максималното узурпирање на медиумскиот простор?
При владеењето со медиумите се влијае врз формирање на ставовите кај категоријата луѓе што не успеале да изградат или да доградат критериуми со кои ќе ги проценат и оценат луѓето и ситуациите во политиката. Голем дел од луѓето се затекнати од манипулативните способности на одредени политичари (редовно презастапени во медиумите) и, за жал, предоцна сфаќаат дека гласале за погрешни личности, погрешни политички партии и дека со тоа придонеле државата да се развива така бавно, да остане последна во регионот по многу параметри.
Денес се врши „демократско“ силување на умот на луѓето преку медиумите, „патриотско“ перење на мозокот на народот, безобразно се вградува ограничен ментален профил со репризирање иста приказна за успешноста на владата и рејтингот расте. Висок рејтинг најлесно се постигнува ако медиумите ги имаме 24 часа покрај себе затоа што само тогаш до максимум имате шанси да убедувате со зборови наместо со дела (илјада пати повторена лага станува вистина).
Владејачките партии во другите држави не узурпираат медиумски простори и му дозволуваат на својот народ нормален развој. Затоа за нив би се рекло дека се патриоти, го почитуваат својот народ, имаат работни обврски и немаат време за снимање „филмски“ улоги. Кога ли работат „нашиве“ кога постојано се сликаат и како природата толку ги надари, толку многу исцрпувачки да работат, а толку да се свежи на телевизиските екрани?
Во овој случај рејтингот не е потврда за квалитетот, а тоа народот треба да го има на ум на изборите ако сака да не биде непријатно изненаден тогаш кога ќе стасаме на дното.